Украина заплени странски брод во своите територијални води за кој вели дека бил вмешан во нелегална трговија со украдено украинско жито, соопшти денеска украинската државна безбедносна служба.
Киев ја обвинува Русија уште од почетокот на војната во 2022 година за трговија со украдено украинско жито. Русија ги негира овие обвинувања. Сепак, реткост е брод да биде задржан од таква причина.
„Истрагата утврди дека запленетиот брод бил дел од руската „флота во сенка“ што Кремљ ја користи за продажба на украдено украинско жито на трети земји“, напиша украинската безбедносна служба на Телеграм.
Во соопштението се вели дека на крајот на 2024 година, истиот брод извезол 5.000 тони пченица украдена од окупираниот полуостров од пристаништето Севастопол на Крим.
Безбедносната служба соопшти дека бродот извршил нелегална операција под знамето на азиска земја за извоз на житото, без да даде дополнителни детали.
Во јули минатата година, Украина заплени странски товарен брод што пловел по реката Дунав и го притвори капетанот под сомнение дека ѝ помагал на Москва да извезе украинско жито од рускиот окупиран Кримски полуостров.
Резултатите од истрагата за овој случај не беа јавно објавени.