Украина за прв пат употреби „Фламинго“ ракети во напад на Русија

Крстосувачката ракета „Фламинго“ беше претставена во август 2025 година со наведен дострел од повеќе од 3.000 километри

Серија експлозии го потресоа рускиот град Орел во раните утрински часови откако Украина лансираше крстосувачки ракети „Фламинго“ со долг дострел кон цели длабоко во руска територија. Генералштабот на украинските вооружени сили подоцна ја потврди првата борбена употреба на домашно оружје со долг дострел, вклучувајќи го и новиот систем „Фламинго“, пишува „Киев пост“ .

Според снимките објавени на Телеграм каналот „Николаевски Ванек“, руските системи за противвоздушна одбрана се обиделе да ги пресретнат дојдовните ракети, но видеото покажува големи запалени фрагменти како паѓаат од небото во станбени дворови. Запалените остатоци паднале меѓу паркирани автомобили и на само неколку метри од станбени згради

Неколку часа по инцидентот, Генералштабот на Украина потврди дека одбранбените сили на земјата извршиле координирани ноќни напади врз „неколку десетици“ руски воени и логистички објекти низ Русија и привремено окупирани украински територии.

Според соопштението, украинските сили погодиле неколку високо вредни цели во окупираниот Крим, вклучувајќи го нафтениот терминал Морски Нефтјаној, паркинзите за хеликоптери и местата за складирање и подготовка на беспилотни летала на аеродромот Кировск, како и радарот за воздушна одбрана во близина на Евпатория. Во окупираниот дел од Запорошката област, украинските напади биле насочени кон складиште за нафта во близина на Бердјанск и напредни командни пунктови на руската 5-та комбинирана армија и 127-та моторизирана дивизија.

Прва употреба на ново домашно оружје

Генералштабот, исто така, потврди дека „биле нападнати цели на територијата на Руската Федерација“, а обемот на штетата сè уште се проценува. Ова соопштение претставува прво официјално признание дека Украина користела низа домашно оружје со долг дострел за време на операцијата – вклучувајќи ги новоразвиените ракетни и беспилотни системи „Фламинго“, „Барс“ и „Лјути“.

Телеграм каналот „Супернова+“ објави дека остатоците видливи на видеото припаѓаат на украинските ракети „Фламинго“ – нова генерација прецизно оружје со долг дострел за кое се верува дека е дел од растечките капацитети на Киев за напад врз стратешката руска воена инфраструктура. „Киев пост“ не можеше независно да ги потврди овие тврдења.

За ракетата Фламинго

Крстосувачката ракета „Фламинго“ беше претставена во август 2025 година со наведен дострел од повеќе од 3.000 километри. Претставник на компанијата „Фаер Поинт“ претходно тврдеше дека оваа ракета е супериорна во однос на американската крстосувачка ракета „Томахавк“. Сегашните ракети се опремени со боеви глави што можат да пробијат бункери и можат да пробијат до 10 метри армиран бетон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни