Колку чини војната? Украина трошела до 500 милијарди евра од почетокот на инвазијата

Проценките покажуваат дека Украина годишно вложува десетици милијарди евра во одбрана, додека меѓународната помош останува клучен столб за финансирање на воените трошоци.

Меѓу 400 и 500 милијарди евра — толку се проценува дека Украина има потрошено за одбрана од почетокот на руската инвазија. Иако точните трошоци ќе бидат познати дури за една деценија, достапните податоци од украинските институции и независните истражувачки центри овозможуваат приближна пресметка, со ограда дека дел од информациите се под воена или службена тајна.

Според официјалните податоци што ги собира Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (SIPRI), годишната воена потрошувачка на Украина изнесува околу 65 милијарди евра. Овие бројки ја мерат само државната потрошувачка, без да се вклучат пазарните вредности на оружјето и опремата што Украина ги добива од своите сојузници.

Украинскиот Институт за политика наведува дека со вклучена вредност на донираната опрема, „реалната воена потрошувачка“ во 2024 година надминала 125 милијарди евра. Во споредба, пред војната во 2021 година, Украина трошела околу 5,5 милијарди евра — што претставува најголем годишен раст што SIPRI го регистрирал од своето основање во 1966 година.

САД — најголем донатор на Украина

Украина ја финансира одбраната преку комбинација од сопствен буџет, меѓународна финансиска и воена помош, домашна одбранбена индустрија и издавање на „воени обврзници“. Најголем дел од оружјето не се купува — се добива преку програми за помош.

Според податоците на USAFacts, од почетокот на инвазијата до средината на 2025 година САД алоцирале 182,8 милијарди долари помош. Од тоа, околу 67 милијарди долари се воена помош — тенкови, артилерија, радарски системи, муниција и друга опрема.

Според Институтот за светска економија во Киел, европските држави до април 2025 година имаат доставено околу 72 милијарди евра воена помош.

Проценките покажуваат дека Украина досега од сопствени средства потрошила 100–120 милијарди долари, од што 60–70 милијарди за оружје, а остатокот за логистика, поправки, енергија, инфраструктура, храна, вода и здравствени услуги за војската. Значаен дел оди и за згрижување внатрешно раселени лица.

Трендот се менува — Европа презема водечка улога

Додека САД го забавуваат темпото на испораки, европските држави се сè поактивни во финансирањето и во производството на оружје. Украинскиот претседател Володимир Зеленски повеќепати истакна дека Украина ќе ги вложи „сите неопходни ресурси“ за да ја одбрани државата.

Според ММФ, Украина дневно троши околу 172 милиони евра за војната — износ што засега се покрива благодарение на меѓународната помош. OECD проценува дека војната ја чини глобалната економија повеќе од два билиони долари поради инфлација и економски загуби.

Потреби за обнова — 524 милијарди долари во следната деценија

Најновата заедничка процена на украинската влада, Светската банка, Европската комисија и ООН (RDNA4) покажува дека за обнова на Украина ќе бидат потребни најмалку 524 милијарди долари во следните десет години. Ова вклучува обновување на станбената, енергетската, транспортната и деловната инфраструктура.

Светската банка наведува три можни сценарија:

Најоптимистичното сценарио претставува дека крајот на војната можеме да го очекуваме во рок од две години; помогнато со стабилна меѓународна помош; силен приватен сектор; ефикасна администрација.

Песимистичното сценарио претпоставува дека воените дејства ќе траат уште најмалку пет години; со намалена помош; слаб интерес од приватниот сектор; висока инфлација и административни пречки.

Најреалното сценарио претпоставува дека воената неизвесност ќе трае уште две до три години; со непредвидлива меѓународна помош; забавени инвестиции; делумна обнова во најпогодените региони.

Сите сценарија претпоставуваат територијален интегритет на Украина — услов кој моментално е далеку од состојбата на теренот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни