Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека конфликтот на Блискиот Исток може да се одолговлекува, што би можело да доведе до тоа партнерите на Киев да обрнат помалку внимание на Украина и да ги намалат испораките на системи за воздушна одбрана. Тој ја даде изјавата денес на прес-конференција со холандскиот премиер Роб Јетен во Киев, објави „Украинска правда“ .
Помала поддршка
„Се надевам дека војната на Блискиот Исток нема да трае долго, не само затоа што ми е грижа за Украина, туку и затоа што секој изгубен или уништен човечки живот е трагедија. Во меѓувреме, не гледаме никаков напредок во мировните преговори. Доколку не се постигне траен мир или прекин на огнот во првите денови од конфликтот, постои голем ризик од негово продолжување“, рече Зеленски.
„Ова дефинитивно ќе влијае на ситуацијата во Украина. Помал фокус значи помала поддршка. Помала поддршка значи помала воздушна одбрана“, додаде тој. Зеленски, исто така, рече дека Русија му помага на иранскиот режим.
„Русија му обезбедува помош на иранскиот режим. Знаеме што е доставено досега, иако точниот обем на оваа помош не е целосно познат. Добро е што иранскиот режим се чини дека не е во можност да ѝ обезбеди на Русија ракети и некое друго оружје што го користи во нападите врз Украина“, рече тој. Украинскиот претседател, исто така, најави дека експерти за пресретнување беспилотни летала ќе пристигнат на Блискиот Исток следната недела.