Украинските специјални служби спроведоа тајна операција на руска територија, при што беше уништен дел од клучниот нафтовод што ја снабдува московската област, јавуваат украински и меѓународни медиуми.
Според извештајот, акцијата била изведена во раните утрински часови, а целта бил сегмент од нафтоводот „Транснефт“, кој има централна улога во транспортот на нафта кон рафинериите околу Москва.
Во видеото објавено од украинските извори се гледа детонација на подземна линија и голем пожар што избувнал по експлозијата. Иако руските власти сè уште не ја потврдиле саботажата, локални извори и независни новинари јавуваат дека притисокот во системот на „Транснефт“ нагло опаднал во моментот кога се случил нападот.
Украинската безбедносна служба (СБУ) не објави официјални детали, но неименуван извор за Ukrainska Pravda изјавил дека „операцијата е изведена длабоко на непријателска територија“ и дека нејзината цел била да се наруши руската енергетска инфраструктура што ја поддржува воената машинерија.
Се смета дека саботажата е дел од поширока стратегија на Киев за асиметричко војување, со која се таргетираат логистички и енергетски објекти на руска територија — вклучувајќи складишта за гориво, железнички терминали и комуникациски центри.
Руските медиуми, пак, известуваат дека тимови на итни служби работат на терен и дека нема извештаи за жртви, но локалните жители пријавиле силен потрес и чад што се издигнувал со километри.
Аналитичарите во Киев сметаат дека оваа акција има симболично и стратешко значење, бидејќи испраќа порака дека Украина може да изведува прецизни операции во срцето на Русија.