Вооружените сили на Украина започнаа успешен контранапад против руските сили во регионот Доњецк и ги вратија селата Михајловка, Зелени Гај и Володимировка, објави на Фејсбук командантот на украинските вооружени сили, генерал Олександр Сирски, по посетата на единиците што се борат во областа Покровск, објави Укринформ.
– Ги посетив командните места на единиците што се борат во правец на Покровск. Таму ситуацијата е најкомплицирана. Одбраната на независноста и знамето на Украина не се само зборови – тоа е секојдневен ризик и секојдневен херојски подвиг, напиша Сирски.
Тој се сретна со војници од единиците што го бранат Покровск – 25-та воздушно-десантна, 68-ма пешадиска и 32-ра и 155-та механизирана бригада. Според украинскиот генерал, овие единици продолжуваат да го држат градот и покрај супериорните непријателски сили.
Сирски им додели награди и признанија на војниците кои се истакнале во битките за одбрана на градот и ги слушна извештаите од командантите за состојбата на теренот.
Порано денеска беше објавено дека украинската армија ги опколила руските трупи во областа Добропиља, каде што главната закана е елиминирана, пренесува Укринформ.