Украина привремено го парализираше авионскиот сообраќај во руската престолнина Москва по серија напади со дронови, соопштија руските власти. Поради безбедносната закана, воздушниот сообраќај беше суспендиран со часови, токму пред почетокот на националните празници во Русија.
На аеродромите Шереметјево и Внуково беше целосно запрено полетувањето и слетувањето на авионите, потврди портпарол на руската воздухопловна управа. Според државната агенција РИА Новости, повеќе од 300 летови биле откажани или значително одложени, додека околу 70 авиони биле пренасочени кон алтернативни аеродроми.
Другите два московски аеродроми, Домодедово и Жуковски, не биле директно погодени од ограничувањата и продолжиле со работа.
Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин претходно соопшти дека противвоздушната одбрана пресретнала невообичаено голем број украински дронови над градот и неговата околина. Руското Министерство за одбрана наведе дека вкупно 273 беспилотни летала биле соборени низ земјата, без да даде детали за евентуалната материјална штета.
Авиокомпаниите ги известија патниците за промени во распоредот на летови и во Санкт Петербург и во други руски градови. Државната авиокомпанија Аерофлот соопшти дека се очекува авионите кои биле пренасочени на други аеродроми да слетаат во Москва во текот на денот.
Надлежните најавија дека летачките распореди постепено ќе се вратат во нормала во попладневните часови. Сепак, ова не е првпат илјадници патници да останат заглавени на аеродромите поради закани од дронови, особено за време на празнични периоди во Русија.
