Украина го објави текстот на Меморандумот за Договорот со САД: Што точно пишува во него?

Во соопштението на владата се додава дека меморандумот „ја потврдува желбата на американскиот народ да вложува заедно со украинскиот народ во слободна, суверена и безбедна Украина“.

Украинската влада го објави текстот на меморандумот за Договорот за економско партнерство што земјата го потпиша со Соединетите Американски Држави, пренесе „Укринформ“.

Како што се наведува, со меморандумот е предвидено дека САД ќе ги почитуваат обврските на Украина во врска со пристапувањето кон Европската Унија или договорите со меѓународни финансиски институции и други официјални кредитори, односно дека договорот за економско партнерство нема да го загрози европскиот пат на Украина.

На веб-страницата на украинската влада се истакнува дека „двете страни го признаваат придонесот на Украина во зајакнувањето на меѓународниот мир и безбедност преку доброволно откажување од третиот по големина нуклеарен арсенал во светот“.

Во соопштението на владата се додава дека меморандумот „ја потврдува желбата на американскиот народ да вложува заедно со украинскиот народ во слободна, суверена и безбедна Украина“.

Претходно, украинската министерка за економија соопшти дека Украина и САД потпишале меморандум за намери во врска со ретки минерали, кој отвора пат за целосен договор за клучните украински минерали и за обновата на Украина по војната.

Таа напиша на платформата „Икс“ дека меморандумот бил потпишан во четврток. Свириденко наведе дека во меморандумот детално се објаснува американската поддршка за „слободна, суверена и безбедна Украина“, како и воспоставување на инвестициски фонд за обнова на земјата.

„Следува финализирање на текстот на договорот и негово потпишување, а потоа и ратификација во парламентите“, изјави Свириденко, нагласувајќи дека „останува уште многу работа“.

Американскиот претседател Доналд Трамп сака, врз основа на договорот со Украина, САД да профитираат од огромните украински резерви на клучни елементи и минерали – од литиум до титан, што тој го смета како компензација за помошта што Вашингтон ѝ ја упатил на Киев од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, пренесе „Политико“.

За време на средбата со италијанската премиерка Џорџа Мелони во Белата куќа во четврток, Трамп изјави дека САД и Украина би можеле да потпишат договор за минерали веќе следниот четврток, на 24 април.

„Претпоставувам дека (Украина) ќе го исполни договорот“, рече Трамп.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно одби да се согласи на договор со САД за украинските минерали.

(Telegraf.rs / Tanjug)

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни