Украина е подготвена да се откаже од своето барање за членство во НАТО доколку САД и Европската Унија понудат доволно силни безбедносни гаранции во рамките на тековните преговори за завршување на војната во Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Зборуваме за билатерални безбедносни гаранции меѓу Украина и САД, т.е. гаранции слични на Член 5 од НАТО, како и безбедносни гаранции за нас од нашите европски партнери и други земји како што се Канада, Јапонија и други“, рече Зеленски, според „Фајненшл тајмс“.
Тој рече дека сè уште не добил одговор од Белата куќа во врска со предложениот ревидиран план за завршување на војната, составен од украинските и европските лидери.
Специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, денеска во Берлин пристигнаа порано како дел од американската делегација за преговори за украинскиот мировен процес.
Извори од германската влада изјавија за „Билд“ дека разговорите со претставниците на Украина во Берлин ќе траат два дена, а дека прелиминарни разговори ќе се одржат денес со советници за надворешна политика, вклучувајќи претставници на САД и Украина.
Средбата меѓу германскиот канцелар Фридрих Мерц и украинскиот претседател Володимир Зеленски е закажана за утре вечер, кога во Берлин ќе пристигнат шефовите на држави и влади на европските земји, како и високи претставници на Европската Унија и НАТО.
