Одлуката на Меѓународниот параолимписки комитет да им дозволи настап на шест руски и четворица белоруски спортисти на Зимските параолимписки игри што ќе се одржат од 6 до 15 март во Милано и Кортина д’Ампецо предизвика остри реакции во Украина. Украинските власти најавија дека нема да присуствуваат на свеченото отворање ниту на официјалните настани поврзани со Игрите.
Министерот за спорт на Украина, Матвиј Бидни, преку социјалните мрежи соопшти дека украинската делегација ќе го бојкотира отворањето, оценувајќи дека руските и белоруските знамиња немаат место на меѓународни спортски настани кои промовираат фер-плеј и интегритет. Поддршка на ваквиот став даде и европскиот комесар за млади и спорт, Глен Микалеф, кој исто така најави дека нема да присуствува на церемонијата.
Русија ќе има по двајца претставници во алпско скијање, нордиско скијање и сноуборд, додека Белорусија ќе настапи со четворица спортисти во нордиско скијање. Ова ќе биде прво појавување на руското знаме на Параолимписките игри по 2014 година.
Претседателот на Украинскиот параолимписки комитет, Валериј Сушкевич, изрази разочараност од одлуката, но нагласи дека Украина нема целосно да ги бојкотира натпреварите, имајќи предвид дека традиционално постигнува значајни резултати.
Во септември, ИПК изгласа укинување на дел од санкциите за Русија и Белорусија, иако првично беше најавено дека нивните спортисти нема да настапат поради задржани забрани од меѓународните федерации. Сепак, по успешната жалба пред Судот за спортска арбитража против одлуката на Меѓународната скијачка федерација, на руските и белоруските спортисти им беше овозможено повторно да се натпреваруваат и да собираат бодови, што доведе до нивно учество на претстојните Игри.