Студенти од Факултетот за ликовни уметности и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје учествуваа на меѓународната зимска школа „Design Week 2025“, што се одржа од 19 до 25 октомври на Машинскиот факултет при Универзитетот во Марибор, Словенија. Програмата претставуваше значајна можност за интердисциплинарна соработка, академска размена и унапредување на знаењата во полето на современиот дизајн и инженерството.
Во тимовите од Македонија учествуваа студенти од Машински факултет – Скопје под менторство на вонр. проф. д-р Јелена Џокиќ, како и студенти од Факултетот за ликовни уметности предводени од проф. м-р Ладислав Цветковски.
„Design Week 2025“ обедини повеќе од 20 професори и експерти од различни професионални области и 68 студенти од 10 држави. Во рамки на осум тематски работилници, учесниците работеа на концепти поврзани со современи дизајнерски практики, одржливо искористување на културното наследство, интердисциплинарни пристапи и развивање колективна одговорност во креативните индустрии.
Интензивната недела исполнета со тимска работа, истражување и размена на идеи заврши со изложба на финалните проекти во холот на Машинскиот факултет во Марибор. Таму, учесниците ги презентираа своите решенија и концепти пред пошироката академска и професионална публика.
Учество на студентите од УКИМ беше овозможено преку програмата ЦЕЕПУС, која поддржува академска мобилност и регионална соработка меѓу универзитетите од Централна и Источна Европа.
