УЈП смирува: студентите нема да плаќаат нови даноци

Управата за јавни приходи реагираше по информациите дека студентите ќе треба дополнително да плаќаат данок. Од институцијата велат дека нема нови обврски и дека не станува збор за двојно оданочување. Станува збор за појаснување на постојните правила за приход остварен во странство.

Управа за јавни приходи соопшти дека нема воведување нови даночни обврски за студентите, ниту пак се бара оданочување на веќе оданочени приходи. Реакцијата доаѓа по бројни објави во јавноста дека студентите кои работеле сезонски во странство, особено во Германија, се „на удар“ и треба дополнително да плаќаат данок. 

Од УЈП појаснуваат дека нивните активности се насочени кон воспоставување ред и еднаква примена на законите, а не кон воведување нови правила. Целта е граѓаните, вклучително и студентите, правилно и навремено да ги пријавуваат своите приходи, особено оние остварени во странство. 

Институцијата нагласува дека не може да има двојно оданочување, бидејќи тоа е регулирано со меѓународни договори. Сепак, секој даночен резидент има законска обврска да го пријави доходот остварен надвор од државата, без разлика каде е заработен. 

Дополнително, УЈП информира дека веќе испратила персонализирани известувања до граѓани кои во 2025 година работеле во странство, со цел навремено да бидат информирани за своите обврски. Во оваа група спаѓаат и студентите кои биле на привремена работа. 

За студентите што работеле пократко од 183 дена во странство, тие и понатаму се сметаат за даночни резиденти на Македонија и имаат обврска да го пријават приходот преку електронскиот систем, по што се утврдува евентуалниот данок согласно законите и договорите со други држави.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни