Во северен Тајланд започната е обемна истрага откако во период пократок од две недели угинале 72 тигри во познатиот туристички парк „Tiger Kingdom“ во Чијанг Мај. Станува збор за два одделни објекти во рамки на комплексот, а властите потврдија дека животинските остатоци се кремирани и закопани со цел да се спречи евентуално ширење на заразата.
Паркот „Tiger Kingdom“ во Чијанг Мај важи за една од најпосетуваните туристички атракции во регионот, каде посетителите имаат директен контакт со дивите мачки и можат да се фотографираат со нив. Токму овој модел на работа повторно отвори прашања за безбедноста и условите во кои се чуваат животните.
Според локалната управа за сточарство, анализите на земените примероци покажале присуство на вирусот на кучешка чума (canine distemper virus), како и одредени бактерии поврзани со тешки респираторни заболувања. Иако вирусот најчесто се поврзува со кучиња, тој може да биде исклучително опасен и фатален за големите мачки, бидејќи го напаѓа нервниот и респираторниот систем. Надлежните посочуваат дека кај тигрите симптомите тешко се забележуваат навреме, што дополнително ја отежнува контролата на болеста.
Покрај вирусот, се испитува и можноста заразата да потекнува од контаминирано сурово пилешко месо со кое биле хранети животните. Ветеринарите и вработените кои биле во контакт со тигрите се ставени под 21-дневен медицински надзор, но засега нема пријавени случаи на заболени лица.
Случајот предизвика остри реакции од организациите за заштита на животните, меѓу кои и PETA Asia, кои повторно предупредија дека дивите животни во заробеништво се изложени на стрес, тесен простор и зголемен ризик од заразни болести. Од фондацијата „Wildlife Friends“ нагласуваат дека ваквите услови ги прават животните особено ранливи на епидемии.
Паркот е привремено затворен на две недели поради целосна дезинфекција, додека истрагата продолжува со цел да се утврди точниот извор на инфекцијата што уништи значителен дел од популацијата тигри во комплексот.