Училниците во Холандија од оваа учебна година се без мобилни телефони

На почетокот на оваа година мобилните телефони беа забранети во училниците на средните училишта во Холандија, а со почетокот на новата училишна година оваа мерка се проширува и во основните училишта.
Фото: 1GNC Münster/Flickr

Министерството за образование од Холандија наведе дека мобилнтие телефони ги одвлекуваат вниманието од учениците и ја намалуваат нивната способност за концентрација, што влијае на учењето.

Телефоните и понатаму може да се користат на час, доколку се неопходни за содржината на часот, на пример при учењето за медиумски вештини.

На учениците им е дозволено да користат мобилни телефони доколку тоа е потребно од здравствени причини, а одговорноста за спроведувања на забраната е на училиштата.

Според експертите, во училиштата во кои мобилните телефони се забранети се подобрува атмосферата и контактите помеѓу учениците.

„Паузите се посоцијални, бидејќи учениците почесто разговараат едни со други“ вели истражувачот Ло Повелс од Универзитетот Радбоуд во Најмеген.

Многу родители тврдеа дека децата кои одат во основно училиште воопшто не треба да имаат паметни телефони, поради ризикот од зависност од социјални мрежи.

Грција и Италија исто така ги забранија мобилните телефони во училниците, додека Германија веќе некое време разговара за таков потег.

Неодамнешна студија од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) препорачува ограничена и одговорна употреба на мобилните телефони во училиштата.

Извор:  Н1

Најново

Последни колумни