Училиштата како столбови на поддршка за менталното здравје на младите

Менталното здравје на младите сè повеќе станува тема од големо значење во образовниот систем. Соочувајќи се со брзи општествени промени, развој на технологијата и нови социјални предизвици, многу ученици се соочуваат со психолошки проблеми кои бараат посебна поддршка и внимание. Училиштата играат клучна улога во заштитата и поддршката на учениците преку развој на програми за ментално здравје и активности кои помагаат во превенцијата на насилство, булинг и други проблеми. Во интервјуто со Светлана Аспровска Тодоровиќ, училиштен психолог во СУГС „Георги Димитров“ дознаваме повеќе за тоа како училиштето се справува со овие предизвици и што прави за да им обезбеди на младите поддршка во менталното здравје.

Трн: Како вашето училиште се справува со случаи на булинг меѓу учениците? Дали имате конкретни програми или активности за превенција?

Светлана: Ние како училиште ги превенираме овие ситуации преку изработка и ревидирање на протокол кој ги запознава учениците, особено учениците од прва и втора година, со препознавање на видовите насилно однесување и превенција од истото. Организираме врснички работилници на кои учениците, преку дискусии, добиваат информации за протоколите, ги ревидираат постоечките документи и посочуваат нови форми на насилство кои можеби ние како возрасни не ги препознаваме. Учениците активно учествуваат во процесот на препознавање и превенција, пренесувајќи ги информациите на своите соученици.

Светлана Аспровска Тодоровиќ

Доколку се појави некој случај што децата го дефинираат како насилство, прво имаме индивидуални разговори за да го провериме за што точно се работи, кој е предизвикувачот, а потоа работиме со детето кое што е жртва на насилството за да му дадеме поддршка, да го охрабриме, да ги засилиме неговите потенцијали да се справи на конструктивен начин со некоја непријатна ситуација. Потоа се работи и со детето предизвикувачот на насилството, со цел да препознае како неговото однесување влијае на другите и да развие свест што предизвикува со своето однесување, затоа што неретко се случува, децата да го гледаат насилното однесување  само како  игра, дека тоа „само така сите си збореле, дека тоа не е е ништо, „мене што ми правеле“… Во процесот работиме и со целата група, работиме со класот и групата сведоци, како директни фактори кои ако не одговараат со поддршка на насилното однесување, нема ни да дозволи да се појавува насилството. И на тој начин организирано работиме за да се опфати насилсилното однесување, да се превенира меѓутоа и да се реагира на насилство. Секако се повикуваат и родителите, правиме индивидуални разговори со сите родители, разговараме што може да се направи во домашна средина за да се охрабри детето или да ги согледа последиците од насилното однесување и на тој начин се трудиме целосно да се поправи ситуацијата.

Кога на децата им се посочени јасни правила при чие донесување и самите учествувале, развиена им е емпатијата како неговото однесување ќе влијае на другите мислам дека е полесно потоа и да согледаат што се случува.

Трн: Дали сте се соочиле со случаи на сексуално вознемирување во вашето училиште? Како се постапува во вакви ситуации и дали постои систем за поддршка за учениците?

Светлана: Досега не сме имале случаи на најгрубите форми на сексуално вознемирување, но работиме на зголемување на свесноста кај учениците за личниот простор и почитување на границите на другите. Со постојана едукација, ги охрабруваме децата да го почитуваат личниот простор на другите и да ја развијат свеста за тоа што претставува несоодветно однесување.

Трн: Каков е односот на учениците кон професорите? Дали забележувате проблеми во комуникацијата или почитувањето, и како се справувате со таквите ситуации?

Светлана: Во нашето училиште генерално имаме добра комуникација меѓу учениците и професорите. Иако постојат ретки случаи на конфликтна комуникација, ги решаваме преку разговори и разбирање на заедничките цели. Посветуваме посебно внимание на учениците од прва и втора година и реагираме брзо доколку некое однесување е неумесно, секогаш вклучувајќи ги и родителите во процесот.

Трн: Дали професорите во вашето училиште имаат обуки за работа со деца кои се соочуваат со психолошки проблеми или имаат потреба од посебна поддршка?

Светлана: Да, во нашето училиште организираме обуки за психосоцијална поддршка на адолесцентите. Обуките ги едуцираат наставниците како да ги препознаат проблемите кај учениците и како да соработуваат со родителите во процесот на поддршка. Брзо реагираме и соработуваме заеднички со сите инволвирани страни за да се најде решение.

Трн: Кои се најчестите психолошки проблеми со кои се соочуваат учениците, и колку често ви се обраќаат?

Светлана: Проблемите на учениците можат да бидат различни – од ситни недоразбирања со соучениците до посериозни лични предизвици. Понекогаш, еден или два разговори се доволни за да се реши ситуацијата, но во поспецифичните случаи се работи континуирано со ученикот. Во нашето училиште, не е табу да се посети психологот и стручната служба, и учениците и родителите редовно ни се обраќаат за помош.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни