Техеранскиот обвинител Али Салехи им порача на демонстрантите во Иран дека учесниците во немирите кои ќе оштетат јавен и државен имот или ќе се судрат со иранските сили за ред и безбедност ќе се соочат со смртна казна.
„Црвената линија на правосудниот систем е безбедноста на граѓаните на земјата. Нашиот пристап кон терористите ќе биде одвраќачки, а нивната казна ќе биде за водење војна против државата. Според иранскиот закон, тоа се казнува со смрт“, изјави Салехи, пренесе иранскиот јавен сервис IRIB.
Протестите во Иран се одржуваат по повикот на Реза Пахлави, синот на иранскиот шах кој беше соборен за време на Исламската револуција во 1979 година.
Видео-снимки објавени на социјалните мрежи прикажуваат масовни и широко распространети протести низ земјата, додека во меѓувреме е регистриран и прекин на интернетот на национално ниво, пренесува РИА Новости.
Протестите започнаа кон крајот на декември 2025 година, откако дојде до нагла девалвација на локалната валута – иранскиот ријал. Во неколку градови, демонстрациите подоцна прераснаа во судири со полицијата, а паролите добија изразено политички карактер, насочен против актуелниот политички систем во земјата.
Пријавени се жртви и меѓу безбедносните сили и меѓу демонстрантите. Врховниот совет за национална безбедност на Иран ги обвини САД и Израел дека стојат зад организацијата на немирите во земјата.
