Разорниот пожар зафати густо населено станбено подрачје во северниот округ Тај По, при што загинаа најмалку 159 лица, а илјадници жители беа раселени. Како што растеше гневот на јавноста, властите предупредија на наводни обиди трагедијата да се „искористи за загрозување на националната безбедност“.
Според локалните медиуми, Кван бил уапсен од полициската единица за национална безбедност под сомнение за поттикнување бунт. Пуштен е на слобода со гаранција. Полицијата за BBC порача дека „секое постапување ќе биде обработено согласно законот и реалните околности“.
Петицијата многу брзо собра над 10.000 потписи
За некои, неговото апсење е изненадување, а за други само продолжување на политиката на Пекинг. Хонконшката влада тврди дека станува збор за „заштита на владеењето на правото“ во исклучително тежок момент за градот.
Рони Тонг, член на Извршниот совет на Хонг Конг, изјави дека „владата се обидува да биде разумна“. И Регина Ип, пратеничка и поранешна функционерка во безбедносниот сектор, не гледа проблем во апсењата.
„Властите се исклучително внимателни јавниот бес да не доведе до повторување на нередите од 2019 година“, рече таа.
Петицијата се занимаваше со прашања кои ги поставуваат и многу други граѓани: како пожарот успеал толку брзо да се прошири и кој е одговорен? За помалку од 24 часа, таа собра повеќе од 10.000 потписи, пред да биде отстранета.
Најавено формирање независен истражен одбор
Неколку дена подоцна, лидерот на Хонг Конг, Џон Ли, најави дека градот ќе стори сè што може за да им помогне на жртвите и да го истражи пожарот. Тој најави формирање независен истражен одбор, ревизија на системите за градежни работи, како и привремен сместувачки капацитети и финансиска помош за погодените. Поголем дел од овие мерки биле веќе побарани од граѓаните и биле дел од петицијата на Кван.
Самуел Чу, продемократски активист кој ја објави петицијата повторно на друга платформа, изјави: „Неверојатно е дека Мајлс е уапсен затоа што поставил основни прашања во име на многу граѓани, а кои властите подоцна и онака почнаа да ги решаваат“.
Регина Ип порача: „Потребно е да се разликува изразување мислење од петиции со криминална намера. Нашите судови ќе треба да го утврдат тоа“.
Кван, наводно, бил уапсен и поради тоа што неговите барања „ги имитирале“ протестните слогани од 2019 година. Властите тврдат дека сакаат да спречат ширење незадоволство кое би можело да предизвика масовни немири.
Апсења за убиство од небрежност
На прашањето на новинарите зошто би требало да остане на функцијата по трагедијата, Џон Ли го избегна одговорот и порача дека ќе санкционира „секој што ќе се обиде да ги саботира напорите за помош“.
Досега ниту еден државен функционер не поднел оставка, ниту пак бил уапсен поради пожарот.
Уапсени се 15 лица осомничени за убиство од небрежност, најчесто шефови и вработени во градежни компании. Дел од јавноста ја критикува и одлуката изборите за законодавното собрание да се одржат без одложување, иако градот се наоѓа во период на жалост.
Некои пратеници побараа итна расправа за пожарот и работата на службите за итни интервенции, но владата го одби тоа со образложение дека се „фокусира на самата истрага“.
Ли изјави пред новинарите: „Да, ова е трагедија; да, голем пожар. Да, потребни ни се реформи. Да, идентификувавме пропусти во различни фази. Токму затоа мораме сериозно да делуваме за да ги затвориме сите тие пукнатини… и да спречиме вакво нешто повторно да се случи.“
Извор:Index.hr
