Тужба за OpenAI: ChatGPT можел да го спречи нападот во Канада

Семејството на девојче повредено во масовното пукање во Канада ја тужи OpenAI, тврдејќи дека ChatGPT можел да го спречи нападот.

Семејството на девојче кое беше тешко повредено во едно од најтешките масовни пукања во Канада ја тужи компанијата OpenAI, тврдејќи дека технолошкиот гигант можел да го спречи нападот врз училиште што се случи минатиот месец.

Тужбата е поднесена неколку дена откако директорот на OpenAI упати извинување до семејствата во оддалечениот канадски град кој беше длабоко потресен од насилството.

Осум лица, меѓу кои пет деца на возраст од 12 до 13 години, беа убиени кога 18-годишна девојка отвори оган во планинскиот град Тамблер Риџ на 10 февруари.

Истрагата покажала дека напаѓачката, Џеси ван Рутселар, која подоцна починала од повредите што самата си ги нанела, со денови го опишувала нападот на моделот за вештачка интелигенција ChatGPT. Нејзината комуникација со ChatGPT била регистрирана и означена од автоматски систем за проверка, објави „Волстрит журнал“.

Компанијата OpenAI, која стои зад четботот, соопшти дека активноста на корисничката сметка не била идентификувана како „кредибилно и непосредно планирање“, по што сметката била блокирана, но канадските власти не биле известени.

Подоцна компанијата открила и друга сметка поврзана со напаѓачката, која таа ја користела откако првата била суспендирана.

Сија Едмондс на 9 март поднела тужба против OpenAI во свое име и во име на своите две ќерки, Маја и Далија, кои биле присутни за време на пукањето.

„Целта на оваа тужба е да се открие целата вистина за тоа како и зошто се случи масовното убиство во Тамблер Риџ, да се утврди одговорноста, да се надомести штетата и да се помогне во спречување на идни масовни убиства во Канада“, се наведува во соопштението на адвокатската канцеларија што го застапува семејството.

Маја (12) била погодена со три куршуми. Еден куршум ѝ поминал низ главата над левото око, вториот ја погодил во вратот, а третиот ја закачил по образот и дел од увото.

Девојчето било хоспитализирано со тешка повреда на мозокот, трајна когнитивна и физичка инвалидност, парализа на десната страна од телото, како и бројни лузни и деформации, се наведува во тужбата.

Мајката и нејзината друга ќерка, Далија, која не била физички повредена во нападот, страдаат од посттрауматски стрес, анксиозност, депресија и нарушувања на сонот.

Семејството во тужбата тврди дека OpenAI пребрзо го пуштил ChatGPT на пазарот без доволни безбедносни анализи и бара отштета, оценувајќи дека однесувањето на компанијата било „за осуда и морално одвратно“.

Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, минатата недела одржал виртуелна средба со премиерот на Британска Колумбија, Дејвид Еби, и градоначалникот на Тамблер Риџ, Дарил Краковка.

„Сите се согласивме дека извинувањето не е ни приближно доволно, но е апсолутно неопходно“, изјави Еби, додавајќи дека локалните власти ќе соработуваат со OpenAI за јавните изјави поврзани со трагедијата да бидат соодветни и да не ја повторно трауматизираат заедницата.

Портпарол на OpenAI изјави дека Алтман ќе продолжи да соработува со локалните власти за да се најде најдобриот начин компанијата да упати извинување и поддршка за заедницата.

Премиерот на Британска Колумбија истакна дека компанијата имала можност да ги извести властите и можеби да ја спречи трагедијата, но нагласи дека дополнителен проблем е и тоа што напаѓачката имала пристап до огнено оружје.

Во меѓувреме, канадските власти се соочуваат со критики дека земјата нема јасна регулатива за компаниите што развиваат технологии за вештачка интелигенција.

„Неприфатливо е да зависи од компанијата дали нешто ќе пријави или не – тоа мора да се промени“, изјави Еби.

„Гардијан“ наведува дека OpenAI е под зголемен притисок од законодавците, а компанијата веќе работи на подобрување на системите за препознавање на потенцијални сигнали што укажуваат на сериозно насилство.

Канадскиот министер задолжен за вештачка интелигенција изјави дека од компанијата побарал да воведе нови безбедносни стандарди и да изврши ревизија на претходно означените случаи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни