Мир во Украина може да се постигне во рок од неколку недели, изјави денес полскиот премиер Доналд Туск по разговорите со лидерите на европските земји, Канада и НАТО. Туск верува во ова и покрај предупредувањето на Кремљ дека ќе ја заостри својата преговарачка позиција откако го обвини Киев за напад врз резиденцијата на претседателот Владимир Путин.
Киев го нарече обвинувањето неосновано и насочено кон продолжување на конфликтот.
„Мирот е на повидок, нема сомнение дека се случија работи што даваат причина за надеж дека оваа војна може да заврши, и доста брзо, но сепак е надеж, далеку од 100 проценти сигурна“, рече Туск на седница на полската влада.
„Кога велам дека мирот е на повидок, зборувам за неделите што доаѓаат, а не за месеците или годините. До јануари, сите треба да се собереме… за да донесеме одлуки за иднината на Украина, за иднината на овој дел од светот.“
Туск рече дека безбедносните гаранции што САД му ги нудат на Киев се причина за надеж дека конфликтот наскоро ќе заврши, но и дека Киев ќе мора да се согласи на компромис кога станува збор за територија.
Американскиот претседател Доналд Трамп по разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата изјави дека тие се „приближуваат, можеби многу блиску“ до договор за завршување на војната, иако сè уште има „чувствителни прашања“.
Зеленски рече дека прашањето за контролата врз нуклеарната централа Запорожје, која е во руски раце, сè уште не е решено, како и судбината на Донбас во источна Украина. Русија сака Киев да се повлече од деловите од регионот Донецк што не успеа да ги освои во речиси четиригодишната војна.
Киев сака борбите да престанат по сегашните линии, а Вашингтон предлага зона на слободна трговија ако украинските трупи се повлечат.
