Турција започна преговори со лидерите на сириските Курди и претставници на Сириските демократски сили (СДС) во врска со распуштањето на Курдската работничка партија (ПКК) и интегрирањето на СДС во реструктурираната сириска армија, објави „Туркиш минит“, повикувајќи се на информации од арапското издание „Ал Монитор“ и сајтот „Мидл Ист Ај“.
Тајни средби меѓу турските власти и претставници на автономната администрација предводена од Курдите, која ги контролира северните и источните делови на Сирија, се одржале во Швајцарија и Франција минатата година, според „Ал Монитор“. Сириските демократски сили се главен сојузник на коалицијата предводена од САД против „Исламска држава“, а на нивно чело се сириските курдски Сили за заштита на народот (YPG), кои Анкара ги смета за огранок на ПКК. ПКК, која води вооружена борба против турската држава 40 години, е прогласена за терористичка организација од Турција, САД и ЕУ.
По падот на режимот на Башар ал Асад, Турција покажа решителност за директни разговори со сириските Курди и СДС, истакнува „Мидл Ист Ај“. Минатата недела, со посредство на САД, во Јужна Турција се одржале преговори меѓу турските власти и СДС, на кои се разговарало за потенцијалното повлекување на американските сили од Сирија, предавањето на членовите на „Исламска држава“ и интегрирањето на СДС во реформираната сириска армија.
Преговорите доаѓаат по одлуката за распуштање на ПКК, објавена на почетокот на мај. Во средината на мај, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Анкара внимателно го следи процесот на разоружување на YPG, нагласувајќи дека Турција сака сириските власти да се фокусираат на прашањата поврзани со оваа група.