Според официјалните информации, во нападот биле повредени уште тројца припадници на американските сили, а напаѓачот бил „неутрализиран и убиен“. Идентитетот на загинатите нема да биде објавен во наредните 24 часа, сè додека не бидат известени нивните семејства.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, на социјалните мрежи напиша дека станува збор за „напад на ИСИС врз САД и Сирија“ и најави „многу сериозна одмазда“. Тој додаде дека тројцата повредени американски војници се во стабилна состојба. Во меѓувреме, сириската влада издаде соопштение со кое го осуди нападот.
CENTCOM наведе дека нападот бил резултат на „заседа од поединечен напаѓач на ИС“, додека претставник на Пентагон изјави дека првичните проценки укажуваат оти нападот „најверојатно“ е извршен од Исламската држава. Сепак, ниту една група досега не ја презеде одговорноста, а идентитетот на напаѓачот сè уште не е објавен. Сириската опсерваторија за човекови права, со седиште во Обединетото Кралство, соопшти дека напаѓачот бил припадник на сириските безбедносни сили.
Инцидентот се случил во Палмира, во централниот дел на Сирија, додека американските војници спроведувале, како што соопшти Пентагон, „клучна средба со лидер“. Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, изјави дека нападот е предмет на истрага, а официјален претставник додаде дека инцидентот се случил „во област каде што сирискиот претседател нема контрола“.
Сириските државни медиуми објавија дека во нападот биле повредени и двајца припадници на сириските безбедносни сили.
Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, изјави дека „секој што ќе ги таргетира Американците, каде било во светот, ќе го помине остатокот од својот краток и исполнет со страв живот знаејќи дека Соединетите Држави ќе го ловат, ќе го пронајдат и безмилосно ќе го убијат“.
Сирискиот министер за надворешни работи, Асад ал-Шаибани, преку објава на платформата X го осуди нападот и изрази сочувство до семејствата на жртвите. Американскиот амбасадор во Турција и специјален пратеник за Сирија, Том Барак, изјави дека остро ја осудува „кукавичката терористичка заседа врз заедничка американско–сириска владина патрола во централна Сирија“ и нагласи дека борбата против тероризмот ќе продолжи со сириските партнери.
Нападот се случува во период на зајакната соработка меѓу САД и Сирија. Минатиот месец, сирискиот претседател Ахмед ал-Шараа оствари средба со Доналд Трамп во Белата куќа, која сирискиот лидер ја оцени како почеток на „нова ера“ во односите меѓу двете земји. Сирија неодамна се приклучи на меѓународната коалиција против Исламската држава и се обврза на соработка со Вашингтон.
Иако во 2019 година сојузот поддржан од САД објави дека ИС ја загубила последната територија под своја контрола во Сирија, џихадистичката група и понатаму извршува напади. Според Обединетите нации, Исламската држава сè уште располага со меѓу 5.000 и 7.000 борци во Сирија и Ирак.
Американските сили се присутни во Сирија од 2015 година, како дел од кампањата за обука и поддршка на локалните сили во борбата против Исламската држава.
Извор: BBC
