Трн на прошетка покрај Беровско езеро, на спиење во апартманите од дрво

На само седум километри од Берово на надморска височина од скоро 1.000 метри се наоѓа едно од најубавите вештачки езера во Македонија, Бровското Езеро. Природата се распослала со сета своја раскош, а тоа е доволна мотивација и провокација за бројни туристи да го посетат овој крај, во било кој период од годината. Меѓу сите тие е и семејството Димовиќ.

„Пред една деценија моите тетка и тетин овде изградија викендичка и често доаѓаме. Како што поминуваше времето така растеше и бројот на луѓе кои не посетуваа, па тетин ми така дојде до идеја дел од викендичката да го адаптира и за туристи-гости“, вака некако ја почна приказната Александра Тасева која ја пречека екипата на Трн.

До таму стигнавме по пат кој минува низ густа борова шума. Погледот ни луташе низ стотиците нијанси на зелено кои се прелеваа, а свежиот воздух измешан со мириси на билки не потсети дека сме далеку од градската, урбана средина. И додека Александра го подготвуваше појадокот од домашно беровско сирење, бел компир и леб печен на фурна ни раскажа и зошто беровскиот крај го нарекуваат и мала Швајцарија.

„Берово е градот со најголема концентрација на кислород и надморска височина од околу 900 метри и самото тоа го прави идеално место за одмор во природа за секој без разлика на возраста. Овој крај е прибежиште за секој трагач по мир или авантура, бидејќи можноста за различни активности го дозволува тоа. Едни сакааат да пешачат, други да го истражуваат теренот со велосипед по планинските патеки, а трети со кајак да го истражуваат самото езеро“, со гордост ни раскажува Александра.

И додека залчињата од домашни специјалитети одново и одново не потсетуваа каде сме не можевме, а да не прашаме зошто целата викендичка е изградена од природно дрво. Тасева се насмевна, ни наздрави со домашна сливова ракија која само го надополнуваше вкусот на мезето па ни објасни:

„Во склоп на сите скриени убавини и овдешна флора тетин ми веднаш знаеше дека апартманите ќе бидат дрвени, се е од дрво и тоа ја дава уникатноста. Деталите ја даваат топлината и чувството на дома, за кои беше задолжена тетка ми, која за жал е почината, а нејзина заслуга е и секој цвет во нашиот двор. Омилен дел на гостите им се шанковите за утринско кафе или чаша вино навечер. Во ваквиот амбиент уживаат и дури кога температурите се минусни, бидејќи, нашево дрвено скривалиште нуди посебно магично чувството во секое време од годината кое не може да се долови со зборови“.

Бројни се туристите кои ја посетуваат викендичката на семејството Димовиќ, лоцирана на само неколку метри од воденото беровско огледало. Иако веќе неколку денови сме овде се уште не можевме да најдеме логично објаснување зошто апартманите се викаат „НАЈ“, па ја прашавме Александра. На момент се замисли, слатко се насмевна па ни рече:

„Апартманите сами се кумови на името „НАЈ“, коментарот на секој што ќе не посетеше беше „местово е нај…“ па тетин ми го присвои како име и нескромно ќе кажам дека е оправдано, бидејќи почнувајќи од најчистиот воздух, најживописни пејзажи и спокојството што ќе го добиете тука се е нај…“.

Полека сонцето се искачуваше, најавувајќи уште еден сончев и убав ден во Малешевијата. Од далеку се слушаа гласови на луѓе, туристи од странство. И тие како екипата на Трн сакаат на миг да го почувствуваат рајот на земјата. Да му се восхитуваат на погледот кој го нуди балконот на апартманите.

Околината на езерото изобилува со прекрасни терени за излет, рекреација и спорт. Во мај може да ги сведочите расцутените борови, а во јули и август да се искапете во езерските води. Постојат пет пешачки патеки, на некои од нив може да се упатите со велосипед. Постои и трансверзална патека која го спојува најјужниот и најсеверниот дел на Малешевијата. Истата е со должина од 45 километри и висинска разлика од 730 метри – таа претставува предизвик и за најголемите ентузијасти.

После долгите истражувања и прошетки низ природата и чистиот воздух време е да си одиме дома. Да евоцираме спомени раскажувајќи ви ги низ текст и фотографии. Ако во следна прилика се мислите каде за викенд, наша препорака е крајниот исток на Македонија, а зошто оставаме сами да се уверите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни