[Видео] Трн ги награди иницијативите кои го менуваат општеството

Со симболични признанија и топла поддршка за иницијативите, платформите и појавите кои го прават нашето општество подобро, редакцијата на „Трн” оваа година одлучи да испрати порака за благодарност и поддршка. Наградите ги слават луѓето и организациите кои со својата креативност, посветеност и иновативност ја мотивираат заедницата и оставаат траен белег.

Одлучивме, како редакција, да формираме жири составено од сите нас, кои секојдневно сме ангажирани во создавањето на ‘Трн’, и да посочиме кои се тие иницијативи и појави што сметаме дека заслужуваат признание. Оваа малечка диплома е наш симболичен начин да кажеме дека нивната работа ни значи,“ истакна главниот уредник на „Трн“, Васко Лазаревски, во своето обраќање.

Признанијата беа свечено доделени од членовите на редакцискиот тим: Адријана Георгиев, Дениз Абдула и Александра Тодоровиќ, кои со особен ентузијазам ги истакнаа значењата на наградените иницијативи.

Васко Лазаревски

Во годината која изминува, „Трн“ препозна неколку исклучителни проекти и иницијативи кои оставија траен печат врз заедницата:

Марта Завкова, СКОПСКА ПИВАРА

Наградата „Зелен трн“, беше доделена за иницијативи насочени кон заштита на животната средина. Признанието го освоија проектот „Наша гордост – наша одговорност“ на СКОПСКО, како и пописот на штрковите во Македонија, реализиран од Македонското еколошко друштво (МЕД). „Горди сме што нашата иницијатива ги обедини граѓаните и ја зголеми свеста за заштита на животната средина. Ова признание е мотивација да продолжиме со ваквите активности,“ изјавија од СКОПСКО. Од МЕД пак нагласија: „Пребројувањето на штрковите покажа дека луѓето стануваат сè посвесни за значењето на биодиверзитетот. Се надеваме дека ќе продолжиме со вакви проекти во иднина.“

Славе Накев, МЕД

Во категоријата за унапредување на женските права, „Женски трн“, наградата ја доби феминистичката платформа „Медуза“. Оваа платформа, која активно работи на јакнење на женските гласови и создавање простор за дебата и солидарност, беше препознаена како важен двигател во општеството. „Ова признание е потврда на нашите напори да создадеме колективен простор каде што феминистичките гласови се слушаат, учат и инспирираат,“ истакнаа од „Медуза“.

Калиа Димитрова, МЕДУЗА

Во областа на здравјето, признанието „Здрав трн“ му припадна на проектот „Крени глас против врсничкото насилство“ на Макпетрол. Кампањата успеа да ја зголеми свеста кај младите и нивните родители за важноста на превенцијата на насилството во училиштата. „Голема чест е што ја добиваме оваа награда. Ова е доказ дека нашата цел – да ги едуцираме младите и родителите – е успешно остварена,“ истакнаа претставниците на компанијата.

Ристо Гапиќ, МАКПЕТРОЛ

Наградата „Младински трн“, која го слави младешкиот креативен дух, ја освои платформата „Силата е во младите“, проект на ПМГ Рекордингс и здружението „Крај Вардарот“. Оваа иницијатива ги мотивира младите да се изразат преку култура и уметност. „Благодарност до ТРН за поддршката. Оваа платформа ги обединува младите и нивниот потенцијал за создавање квалитетна култура,“ изјавија од ПМГ Рекордингс.

Виолета Качакова, Силата ЕУ младите

„Трн на еднаквоста“, беше доделена на Roma Rock School за нивната уникатна мисија да ги интегрираат младите Роми преку музика. „Седум години работиме да ги срушиме предрасудите преку музика. Ова е наша прва награда, но се надеваме дека нема да биде последна,“ изјавија претставниците на школата.

Емилија Здравковска, Roma Rock School

За интервенција во јавниот простор, наградата „Трн во простор“ ја добија КомшиЛоок и организацијата „Акто“ за серијата мурали кои ја истакнуваат солидарноста како клучен општествен принцип. „Оваа награда ја гледаме како поттик за уште помоќни интервенции во јавниот простор кои ќе предизвикаат општествени промени,“ истакнаа од „Акто“.

Ивана Самандова, АКТО

„Трн“ го додели признанието на платформата „Комшилоок“, која оваа година продолжи да гради мостови меѓу заедниците, охрабрувајќи ги луѓето да споделуваат, соработуваат и да си помагаат. „Ова признание е за секој комшија кој верува дека заедно можеме да направиме разлика. Благодарни сме што нашата идеја допре до толку многу луѓе,“ изјавија од „Комшилоок“, ветувајќи дека ќе продолжат да го шират духот на солидарност и добрососедство.

Стефан Александар Јовановски, КомшиЛоок

Со овие признанија, доделени во шест категории, беа потврдени позитивните ефекти од иницијативите кои не само што инспирираат, туку и создаваат трајни општествени промени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни