Утре во 20 часот, во објектот Чифте амам при Националната галерија во Скопје, ќе биде отворена самостојната изложба под наслов „Сенки во облаците“ на сликарот Емил Шулајковски.
Изложбата е составена од пет одвоени циклуси, создадени во период помеѓу 2022 и 2024 година (при што доминираат слики од 2023 и 2024 година, но се претставени и неколку дела од 2019 година), со издвоени наслови „Градина на задоволствата“ (2019-2023), „Трансформација на симболите“ (2023), „Рефлексии на моментот“ (2023-2024), „Виор во мислите“ (2023-2024) и „Сенки во облаците“ (2023-2024), изведени во техниките масло и акрил на платно, како и акварел на хартија, што од своја страна претставува увид во еден опсежен творечки континуум, во кој на извесен начин се сублимирани „состојбите“ на емоциите и свеста, односно личната естетиката на создавањето.
Изложбата ќе биде поставена до 20 октомври 2024 година.
Емил Шулајковски е роден 1969 во Скопје, Македонија, дипломира и магистрира на Факултетот за ликовни уметности – Скопје. Реализирал 28 самостојни изложби во Скопје, Кавадарци, Куманово, Тетово, Битола, Охрид, Белград, Ниш, Подгорица, Љубљана, Силер Сити, Лексингтон, Њујорк, а учествувал на преку седумдесет групни изложби.
Неговите дела се застапени во приватни и јавни колекции во Македонија, Србија, Словенија, Хрватска, БиХ, Грција, Кипар, Албанија, Бугарија, Италија, Ватикан, Франција, Германија, Шпанија, Португалија, Англија, Ирска, Полска, Чешка, Финска, Швајцарија, Белгија, Холандија, Луксембург, Норвешка, Русија, Турција, САД, Канада, Кина, Сингапур, Јапонија и Австралија. Добитник е на четири национални награди за сликарство.