Пред Железничката станица во Нови Сад, каде пред точно три месеци се случи пад на натстрешница и загинаа 15 лица, голем број граѓани денеска им одадоа почит на загинатите, полагајќи венци и цвеќе, а во 11:52 започна и петнаесетминутната тишина.
Меѓу присутните беа и студентите кои пешки дојдоа од Белград за денешната блокада на трите новосадски мостови, како и неколку десетици ветерани од 63. Падобранска бригада.
Поголемиот дел од студентите кои во петокот пешки и со велосипеди пристигнаа од Белград се наоѓаат во студентскиот дом и по факултетите, каде што ја поминаа ноќта во дружење со новосадските колеги, а дел од нив го искористија убавото утро за прошетка низ градот.
Голем број Белграѓани и жители од други градови денеска рано утро тргнаа со автомобили и други превозни средства за да им се придружат на студентите во 24-часовната протестна акција и блокадата на мостовите.
Блокадата на трите новосадски мостови, организирана од студентите, започнува во 15:00 часот и ќе трае три часа, по што 24-часовната протестна акција ќе продолжи од 18:00 часот на Мостот на слобода, каде што в недела во 15:00 часот треба да се одржи и првиот пленум со граѓаните.