Климатските самити по 30 години: Реални резултати или политички декларации?

Поминаа повеќе од 30 години откако светот се согласи како да „ја заштити климата за сегашните и идните генерации“. Но, денес леби прашањето дали овие самити за климатските промени во пракса ги даваат вистинските резултати

Градот Белем е сместен на вливот на реката Гуам и делтата на Амазон. Делегати, новинари, активисти и научници од различни делови на светот деновиве го посетуваат градот кој има милион жители и е главен град на сојузната држава Пара во Бразил. Причината е COP30, каде светот повторно да се собери за да разговара за сопствениот опстанок.

Бразил како симбол

Изборот на Бразил и Белем за домаќин на COP30 не е случаен. Амазон е белите дробови на нашата планета, но е на работ на својата издржливост. Научниците предупредуваат дека околу 20 проценти од амазонската дождовна шума е веќе изгубена и дека ако изгубиме уште 5 до 10 проценти, целиот екосистем би ја поминал точката од која нема враќање.

За Бразил, организацијата на COP30 е повеќе од престиж – тоа е шанса да се покаже дека Амазон не е само тема, туку и дел од решението. Во близина на Белем, во областа каде што реката Амазон се влева во Атлантикот, природата полека ја губи битката. Температурата на почвата се зголемува, речните текови ја менуваат насоката, а рибарите велат дека рибите „одат подалеку на југ“.

Пред повеќе од три децении, поточно – во 1992 година во Рио, светот за прв пат постигна договор за „заштита на климата за сегашните и идните генерации“. Денес, 33 години подоцна, атмосферата во и надвор од конференциските сали, во секоја смисла е различна.

Пред Парискиот договор во 2015 година, научниците предвидоа дека до крајот на векот, просечната глобална температура ќе достигне 4 степени. Денес, благодарение на договорите, националните планови и употребата на обновливи извори на енергија, тој број е намален.

На хартија, ова изгледа како напредок, но сепак е премногу за земјоделец во Шпанија кој во последните години гледа во земја испукана од суша, или жител на оддалечен тропски остров бидејќи нивото на морето полека, но сигурно го намалува нивниот животен простор и се заканува да ги преплави.

Емисиите на стакленички гасови се околу 65 проценти повисоки отколку во 1990 година. Глобалната температура се зголеми за околу 1,4 степени во споредба со прединдустрискиот период, а ние веќе ги чувствуваме последиците: топлотни бранови во Европа, пожари во Канада, поплави во Азија, топење на ледените капи – што некогаш се сметаше за незамисливо.

Борбата на „малите“ да го искажат својот глас

Во големите сали на самитот на COP, може да се слушнат различни мислења. Претседателите на малите пацифички острови зборуваат за иднината на нивните тропски рајови – мерено во сантиметри од нивото на морето. За нив, секоја конференција не е политички настан, туку последен апел.

„Ако не се појавиме, никој нема да зборува во наше име“, вели претседателот на Палау, Сурангел Випс помладиот.

Многу експерти предупредуваат дека овие состаноци изгубиле дел од своето значење. Професорот по климатски студии, Иан Хол, вели дека постигнатите резултати се „скромни во споредба со километражата што претстои“.

Едвард Милибанд, британскиот министер за енергетска безбедност, прашува: „Како ќе го направиме ова без соработка? Не можете да го направите сами“.

Парадоксот лежи токму во таа реченица: свет кој се разликува на многу начини мора да најде начин да соработува – за сите да имаме воздух за дишење.

Без конкретни акции – транспарентите и собирите на глобално ниво не значат многу

Бројките можеби се прецизни, но светот не е. Досега, само 30 проценти од земјите ги исполнуваат целите што си ги поставиле според Парискиот договор.

Глобалните инвестиции во обновливи извори на енергија растат, но во исто време, субвенциите за фосилни горива ќе достигнат рекордни 7 трилиони долари во 2023 година, според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Со други зборови – додека светските лидери зборуваат за зелената транзиција, она што нè уништува сè уште се финансира.

Некои критичари на COP велат дека самитите станаа места за најави, а не за пресврти. Но, дали ова значи дека треба да се откажеме од вакви собири? Многумина сè уште се согласуваат дека без нив, светот не би имал ниту рамка ниту простор за дијалог.

Благодарение на претходните договори, сончевата и ветерната енергија сега се поевтини од јагленот во повеќе од 80 проценти од земјите во светот. Електричните автомобили повеќе не се иднината, туку сегашноста. А идејата дека повеќе од 30 проценти од копното и морето мора да бидат заштитени до 2030 година стана глобална цел, а не утопија.

Климатските самити можеби нема да го спасат светот – но тие го потсетуваат дека сè уште може да се спаси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни