Трендафилов пред Владата: Работници се спречени да дојдат на протестот поради закани, но не ви се плашиме

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, на работничкиот протест пред Владата порача дека дел од работниците биле спречени да дојдат поради закани, но дека синдикатот нема да се откаже од барањето за повисоки плати.

Протестен марш низ Скопје

Работничкиот протест започна во 12:05 часот пред Работничкиот дом во Скопје, продолжи пред Собранието, а заврши пред зградата на Владата.

Трендафилов истакна дека барањата на синдикатот остануваат исти – минимална плата од 600 евра и зголемување на сите работнички плати за 6.000 денари.

„Голем број работници денеска се спречени да дојдат зашто им се закануваат. Ги уценуваат со губење на нивните работни места и губење на нивната плата. Но, без оглед на тоа, не ви се плашиме. Дојдовме за зголемување на платите и пак ќе дојдеме“, рече Трендафилов.

https://www.facebook.com/reel/2341186283054838

Пораки до Владата

Тој им порача на владините претставници дека не треба да се плашат од работниците, нагласувајќи дека протестот е организиран од работниците и за работниците.

„Никој тука нема политички амбиции. Се бориме за зголемување на работничките плати“, рече претседателот на ССМ.

Според него, без работници нема држава, ниту власт.

„Вие сте ненародна Влада, не направивте ништо за народот“, додаде Трендафилов.

Барање за повисока минимална плата

Трендафилов нагласи дека зголемувањето на минималната плата е неопходно во услови на растечки трошоци за живот.

„Во март мора да има зголемување на минималната плата, бидејќи работниците со својот труд ја заработуваат“, рече тој.

ССМ го отфрла законското усогласување на минималната плата од 1.667 денари, со образложение дека само во последните два месеци синдикалната минимална кошница пораснала за околу 2.000 денари, што значи дека предложеното усогласување не го покрива ни растот на трошоците за живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни