Од отпад до уметност: Последни денови за пријавување на Trash for Art 2026

Пакомак ги повикува граѓаните, училиштата и градинките да испратат уметнички дела изработени од отпад и да се натпреваруваат за награди до 30.000 денари.

Остануваат уште неколку дена до крајот на рокот за пријавување на дела за овогодинешниот награден конкурс Trash for Art 2026, кој го организира Пакомак. Со овој конкурс, организаторите повторно ги повикуваат еко-свесните граѓани да ја покажат својата креативност и да создадат уметнички дела од отпад, со што ќе придонесат за подигнување на свеста за рециклирање и заштита на животната средина.

На конкурсот можат да учествуваат сите заинтересирани лица кои ќе испратат уметничко дело изработено од амбалажен отпад.

Како и претходните години, ќе се избираат најдобрите дела во три категории: градинки, основни училишта и поединци и организации. За секоја категорија се предвидени по три парични награди – 30.000 денари за прво место, 20.000 денари за второ и 10.000 денари за трето место.

Испратените дела треба да бидат изработени од најмалку 10 парчиња амбалажен отпад – од ист или од различен тип – а нивната висина не треба да надминува 150 сантиметри.

Годинава конкурсот предвидува и две специјални награди. Едната е за уметнички дела изработени од електронски отпад, односно од најмалку три делови од електронски отпад или отпадни батерии. Наградниот фонд за првите три места е идентичен како и во останатите категории.

Посебна награда ќе биде доделена и за најдобрите уметнички дела направени исклучиво од амбалажа на Алкалоид. Компанијата се приклучува како специјален учесник и поддржувач на Trash for Art 2026, испраќајќи порака за важноста од заштитата на животната средина.

Крајниот рок за пријавување на делата се приближува, па организаторите ги повикуваат сите заинтересирани да не го чекаат последниот момент и да ја искористат можноста да учествуваат на конкурсот.

Пријавата се пополнува при самото предавање на делото, што значи дека не е потребна претходна регистрација. Делата треба да се достават во скопскиот локал Лабораториум на 16 и 17 март, во периодот од 9 до 18 часот.

Повеќе информации за конкурсот може да се најдат на веб-страницата на Пакомак и на нивните профили на социјалните мрежи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни