Верица Тенекеџиева e аниматор и визуелен артист, автор на мултимедијална изложба на тема насилство врз жените во јавен транспорт. Оваа изложба се стреми да даде глас на сите кои некогаш искусиле било каков вид на возменирување и малтретирање во јавен транспорт. Делата од овој нејзин проект се базирани на приказните од истражувањето и се насочени кон пресоздавање на чувствата опишени во истите. Таа со помош на визуелна уметност, се стреми да дадеме глас и платформа на жртвите на таков вид на насилство.
Приказните се собрани преку активно истражување и интервјуа, извршени со помош на „ОснаЖене“ (Белград, Република Србија) и „Ирида“ (Нови Сад, Србија), како и од извадоци од претходни истражувања на „Реактор-Истражување во акција“, (Скопје, Република Северна Македонија).

Проектот се реализира со поддршка од RYCO/Регионалната канцеларија за младинска соработка, која управува и промовира регионална и интеркултурна соработка на младите луѓе во и помеѓу општествата во Западен Балкан. Програмите на RYCO се фокусираат на создавање можности за младите луѓе да се вклучат во активности кои градат меѓусебно разбирање и помирување во граѓанските, социјалните, образовните, културните и спортските домени. RYCO иницира и учествува во креирањето политики и се залага за реформи. Го поддржува и зајакнува развојот на политичкото и социјално опкружување и ја олеснува размената на младите.
Трн: Што ве инспирираше да започнете ова истражување и да создадете изложба на тема насилство врз жените во јавниот транспорт?
Верица: Првата приказна на којашто почнав да работам раскажува за искуството на една од моите најблиски пријателки, додека беше кај мене на гости за „Д Фестивал“. Тоа нејзино искуство некако ми остана во глава бидејќи немаше никаков разврска, едноставно го заборавивме и си продолживме напред. Се замислив за тоа и решив дека всушност таа приказна има потенцијал да се претвори во документарен анимиран филм кој во исто време ќе се искористи како канал низ кој другарка ми можеби ќе добие некакво чувство на правда. Откако ја интервјуирав неа, решив дека сакам да се обидам да направам
платформа преку која луѓето би можеле да ги споделат своите приказни анонимно со цел да се истакне проблемот и да се создаде безбеден простор за раскажувачите.

Трн: Како го избравте материјалот за изложбата и што беше најважно при изборот на вистински приказни кои ќе бидат вклучени?
Верица: Барав конкретни чувства кои приказните ги изразуваат. Нешто што би ја натерало и публиката да се поврзе со самиот раскажувач и случката која ја споделува. Главниот фокус на изложбата е да ги пресоздаде тие чувства и да предизвика емпатија кај гледачите. Со помош на Ивета Ставрева, сценаристката која работеше на проектот, се потрудивме да избереме приказни кои би можеле најдобро да ги пресоздадеме.
Трн: Каква реакција очекувате од посетителите на изложбата и што сакате да пренесете преку вашите визуелни уметнички дела?
Верица: Се надевам дека ќе предизвикам разбирање и сочувство кај посетителите. Исто така, се надевам дека изложбата ќе ги натера посетителите да се замислат за овој проблем и да почнат да го забележуваат или да помогнат кога се случува.

Трн: Како користењето на мултимедијалната уметност ја засилува пораката која сакате да ја пренесете во однос на насилството врз жените во јавниот транспорт?
Верица: Видео уметноста е медиум со кој се чувствувам најслободна и имам простор за експериментирање, а со оглед на тоа што оваа изложба е наменета да ги истакне чувствата поврзани со проблемот, решив дека треба да целам кон повеќе од едно сетило. Сметам дека аудио-визуелниот дел од изложбата најдобро го отсликува тоа и дел од причината е дизајнот на звук кој го направи Матјо Дервенков, аудио-визуелен уметник од Бугарија, и нарацијата на Катерина Јовановиќ, млада и талентирана актерка од Валандово.
Трн: Која е вашата визија за промена во свеста за оваа тема, особено во контекст на јавниот транспорт?
Верица: Освен подигнување на свеста кај граѓаните, сметам дека треба да се подигне и солидарноста и грижата. Секако сметам дека треба да се направат системски промени кои би ги натерале жените или било која друга ранлива група да се чувствуваат побезбедни во јавните простори. Јавниот транспорт секако спаѓа во тие простори.

Трн: Како процесот на истражување влијаеше на вас лично и како се одрази на вашата уметност?
Верица: Секако дека читањето сите сведоштва и одговорите на учесниците во истражувањето длабоко влијаеше на мене. Сѐ додека не се вклучија во истражувањето и моите соработници во проектот, „Реактор – истражување во акција“ и „ОснаЖене“ и „Ирида“ од Р. Србија, приказните до кои што стигнав беа споделени од мои познати и ми беше полесно да ги процесирам бидејќи имав активна дискусија со раскажувачите. Меѓутоа, по вклучувањето на гореспоменатите организации, истражувањето се прошири и надвор од Македонија и собрав многу материјал и немав целосна контрола врз споделувањето. Најмногу ме изнервира фактот што стигнав до многу приказни и што сите се раскажани од жени, и скоро ниедна нема некаков конктретен крај или разрешување. Сите завршуваат со помирување, бидејќи ништо друго не може да се случи.
Трн: Постои ли одредена работа од оваа серија која Ви е посебно емотивна или симболична?
Верица: Делото што произлезе од искуството на другарка ми, за кое спомнав порано, го издвојувам како посебно симболично за мене бидејќи е катализаторот на идејата.

Трн: Каква е улогата на уметноста во обраќањето на важни социјални прашања како насилството врз жените?
Верица: Уметноста од секогаш била огледало на реалноста или барем реалноста на уметникот кој ја создава. Сметам дека активизмот изразен преку уметност дава нова димензија на проблемите што ги истакнува, може да предизвика чувства и да го истакне проблемот на повпечатлив начин.
Трн: Како планирате да се продолжи дискусијата за насилството врз жените, и дали има некои дополнителни проекти што ги размислувате по изложбата?
Верица: Би сакала да ја поставам изложбата и на други места во иднина. Можеби и да ја збогатам со уште дела и повторно да го отворам истражувањето. Уште од почетокот идејата ми беше да ја искористам изложбата како концепт за документарен анимиран филм од различните приказни кои ги собрав и да изградам визуелен идентитет за истиот.