ТрансФормА: Видливоста на транс лицата значи безбедност, достоинство и права

На Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица, ТрансФормА повика на поголема правна сигурност, заштита и поддршка за транс заедницата во Македонија.

На 31 март ширум светот се одбележува Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица, ден посветен на животите, искуствата и придонесот на транс луѓето, но и на предизвиците со кои секојдневно се соочуваат. Денот се одбележува со цел да се зголеми јавната свест, како и афирмирање на видливоста на транс заедницата и испраќање на порака дека достоинството, безбедноста и еднаквите права не смеат да зависат од родовиот идентитет.

Иницијативата ТрансФормА повика на поголема безбедност, достоинство и еднаков пристап до права за транс луѓето во Македонија.

Од таму наведуваат дека транс лицата во земјава и понатаму живеат во услови на дискриминација, насилство, институционални пречки и ограничен пристап до услуги и поддршка. Според нив, видливоста не е само прашање на препознавање, туку и на безбедност, достоинство и еднакви можности.

Годинава, наместо марш, организацијата ќе одбележи со хуманитарен базар, со цел да се обезбедат средства за продолжување на бесплатната психолошка и правна помош, како и за активностите насочени кон јакнење на транс заедницата.

Под мотото „Ние сме дел од ова општество“, ТрансФормА испраќа порака дека транс луѓето живеат, работат, создаваат и придонесуваат во земјата, и дека не се на маргините, туку се дел од заедницата и заслужуваат достоинствен и безбеден живот.

Во реакцијата се посочува и дека во јавниот простор сè почесто се присутни дезинформации, говор на омраза и анти-родови наративи, додека насилството, дискриминацијата и институционалното непостапување остануваат секојдневие за многу транс лица. Од иницијативата оценуваат дека ваквата состојба се одржува и поради неказнивост и недостиг од системска заштита.

Дополнително, тие потсетуваат дека и седум години по пресудата на Европскиот суд за човекови права, државата сè уште нема обезбедено јасна и достапна постапка за правно признавање на родот, што според нив значи дека транс лицата и натаму се оставени без целосна правна сигурност.

ТрансФормА апелира до јавноста, институциите и медиумите да придонесат кон создавање средина во која транс луѓето ќе можат да живеат без страв, со чувство на припадност и со еднакви права.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни