Една жена загина, а најмалку две лица се повредени откако трамвај излетал од шините на една од најфреквентните сообраќајници во Сараево, во близина на Земјишниот музеј на Босна и Херцеговина и Амбасадата на САД. Несреќата се случила околу пладне, кога трамвајот пробил заштитна ограда и излетал на коловозот, лизгајќи десетина метри надвор од трасата.
Од Министерството за внатрешни работи на кантонот соопштија дека „едно лице смртно страдало, а според моменталните податоци две лица се повредени“. За случајот е известен јавен обвинител, а полициски екипи извршиле увид на местото на несреќата.
Според првичните информации, загинатата жена била притисната од трамвајот при излетувањето од шините. Пожарникарските екипи морале да интервенираат со сечење на оштетената метална конструкција за да дојдат до нејзиното тело. Предниот дел од трамвајот е целосно уништен, што укажува на силен удар при излегувањето од трасата.
Станува збор за стар трамвај од чешко производство, дел од возниот парк кој постепено се повлекува од употреба. Градските власти минатата година започнаа процес на модернизација, со набавка на нови трамваи од швајцарскиот производител Stadler. Досега се испорачани 25 нови возила, но дел од старите трамваи, набавени пред повеќе од четири децении, сè уште сообраќаат на линиите низ градот.
Причините за несреќата засега не се официјално соопштени. Истрагата треба да утврди дали станува збор за технички дефект, човечка грешка или друг фактор што довел до трагедијата на една од најпрометните градски улици.
