Трамп го обвини Зеленски: украинскиот претседател возврати и заминува на итни консултации во Лондон

По тензичните коментари од Трамп, Зеленски порача дека американските претставници ги знаат клучните украински позиции.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во најновото обраќање до јавноста ги опиша разговорите со американските претставници околу потенцијалниот мировен план како „конструктивни, но не и едноставни“. Коментарите доаѓаат по средбата со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, како и со Џеред Кушнер, кои деновиве престојуваат во Киев како дел од дипломатските напори за прекин на војната.

Напнатоста се зголеми откако Трамп јавно го обвини Зеленски дека „сè уште го нема прочитано“ новиот американски предлог за мировен договор, и дека не е сигурен дали украинскиот претседател ќе се согласи со него. Зеленски возврати дека „американските претставници ги знаат основните украински позиции“ и дека разговорите продолжуваат во атмосфера на јасни услови поставени од Киев — почитување на територијалниот интегритет и одржлива безбедност за Украина.

Украинскиот претседател денес заминува за Лондон, каде што ќе одржи состаноци со британското, француското и германското раководство. Европските консултации ќе продолжат во Брисел, каде што се очекува конкретизирање на заеднички став околу новиот американски предлог, но и координација во однос на воената, финансиската и дипломатската поддршка за Украина.

Обраќањето на Зеленски доаѓа во момент на засилени меѓународни притисоци за интензивирање на мировните иницијативи, но и во сенка на контроверзните изјави на Трамп кои предизвикаа реакции во Киев и меѓу европските партнери. Иако процесот останува неизвесен, Киев нагласува дека не планира да прифати „брз” договор кој би ѝ наштетил на долгорочната безбедност на државата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни