Трамп зборува за преговори, Иран ги отфрла – нафтата повторно над 100 долари.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ги одложил најавените напади врз иранските електрани по, како што рече, „продуктивни разговори“ со Техеран

Дваесет и петти ден од војната на Блискиот Исток го одбележуваат спротивставени информации од САД и Иран околу можни преговори. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ги одложил најавените напади врз иранските електрани по, како што рече, „продуктивни разговори“ со Техеран. Од друга страна, претседателот на иранскиот парламент ги негираше таквите тврдења, оценувајќи ги како „лажни вести“.

И покрај тоа, функционер од иранското Министерство за надворешни работи изјавил дека Техеран преку посредници добил одредени точки од САД, што би можело да биде вовед во евентуални преговори, додека Белата куќа порача дека ваквите информации не треба да се сметаат за конечни.

Во меѓувреме, ситуацијата на терен дополнително се заострува. Ракети лансирани од Иран погодиле јужни делови на Израел, при што има повредени, но засега нема загинати. Израелските одбранбени сили испратија единици на неколку локации по пријавите за напади. Во исто време, Израел изврши воздушни напади врз седум цели во јужните предградија на Бејрут, главниот град на Либан, каде што биле погодени повеќе населени области.

Според извештаи на новинската агенција Ројтерс, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во телефонски разговор го убедил Доналд Трамп да започне напад врз Иран, што довело до дополнителна ескалација на конфликтот. Паралелно, во Вашингтон се разгледуваат можни политички фигури во Иран со кои би можело да се воспостави дијалог, меѓу кои и иранскиот политичар Мохамад Багер Калибаф.

Додека дипломатските пораки се неусогласени, а воените активности продолжуваат, глобалните пазари веќе реагираат и цената на нафтата повторно ја надмина границата од 100 долари за барел, што дополнително ја засилува загриженоста од продлабочување на економската криза.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни