Трамп удри врз „срцето“ на иранската нафта: Нападнат островот Харг пред истекот на ултиматумот

САД извршија напади врз иранскиот остров Харг – клучен центар за извоз на нафта. Доналд Трамп повторно упати закани кон Иран пред истекот на рокот за отворање на Ормускиот теснец.

Американската војска изврши напади врз островот Харг, стратешка точка преку која се одвива околу 90% од извозот на иранска сурова нафта. Според информации од американски и ирански извори, цел на нападите биле воени објекти, иако станува збор за локација од клучно значење за енергетскиот сектор на Иран.

Доналд Трамп претходно постави ултиматум до Техеран да го отвори Ормускиот теснец, предупредувајќи дека во спротивно ќе следуваат напади врз критична инфраструктура, вклучително мостови и електрани.

Во нова објава, Трамп дополнително ја засили реториката, тврдејќи дека „целата иранска цивилизација може да исчезне“ доколку не се постигне договор. Островот Харг се смета за клучен за иранската нафтена индустрија, а неговото евентуално оштетување може да има сериозни последици врз глобалното снабдување со енергенси.

Ова не е прв напад врз островот, САД веќе извршија операции во март, но тогаш, според изјавите на Трамп, не била погодена нафтената инфраструктура. Ескалацијата доаѓа во момент кога тензиите на Блискиот Исток растат, а рокот за договор меѓу Вашингтон и Техеран истекува, што дополнително ја зголемува неизвесноста за развојот на конфликтот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни