Трамп со нова тужба против Харвард

Администрацијата на Трамп поднесе нова тужба против Харвард, барајќи документи за прием на студенти и почитување на одлуката на Врховниот суд.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп поднесе нова тужба против Универзитетот Харвард, обвинувајќи го дека не соработувал целосно со федералната истрага и барајќи документи поврзани со процесот на прием на студенти.

Тужбата е поднесена до федералниот суд во Бостон, каде што Министерството за правда наведува дека документите ќе помогнат да се утврди дали Харвард ја почитува одлуката на Врховниот суд на САД од 2023 година, со која програмите за прием што ја земаат предвид расата беа прогласени за неуставни.

Од Министерството за правда појаснуваат дека постапката е покрената „исклучиво за да се обезбедат релевантните документи“ и дека во оваа фаза Харвард не се обвинува за дискриминација, ниту пак се бара финансиска отштета или укинување на федералното финансирање. Од универзитетот засега нема официјален коментар.

Дел од поширока кампања против универзитетите

Трамп претходно изјави дека неговата администрација бара милијарда долари од Харвард во рамки на истрагите за политиките на универзитетот. Овој случај е дел од пошироката стратегија на администрацијата, која преку федералното финансирање се обидува да изврши притисок врз американските универзитети.

Според Трамп, дел од универзитетите се „зафатени од антисемитски и радикално левичарски идеологии“. Администрацијата веќе укина стотици федерални грантови за истражувачи од Харвард, со образложение дека институцијата не направила доволно за да спречи вознемирување на еврејски студенти.

Харвард претходно возврати со сопствена тужба против федералната влада, што дополнително ја продлабочи правната и политичката конфронтација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни