Американскиот претседател Доналд Трамп испрати најостра досега порака до Иран, најавувајќи дека земјата ќе се соочи со напади врз клучната инфраструктура доколку не го отвори Ормускиот теснец до вторник навечер. Во интервју за Wall Street Journal и објави на Truth Social, Трамп порача дека рокот истекува во 20:00 часот по источноамеричко време и дека последиците ќе бидат сериозни.
„Ако не направат нешто до вторник навечер, нема да имаат електрани и нема да имаат мостови“, изјави тој, најавувајќи можни напади врз енергетската и транспортната инфраструктура.
Ескалација на реториката
Во дополнителна објава, Трамп најави дека вторник би можел да биде „ден на електрани и мостови“, со што директно алудира на координирани удари врз критични објекти во Иран.
Овие закани доаѓаат во контекст на тековниот конфликт, откако САД и Израел започнаа воени операции против Иран, по што Техеран практично го ограничи поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец.
Заканите следуваат по интензивна 48-часовна операција за спасување на американски пилоти во Иран. Според Трамп, станува збор за „невидена акција“ изведена во исклучително опасни услови.
Американскиот сенатор Дејв МекКормик изјави дека спасениот пилот бил евакуиран од планинска област на над 2.000 метри надморска височина, додека конгресменот Рик Крофорд посочи дека дел од американската опрема била уништена за да не падне во рацете на противникот.
Преговори и закани
И покрај острите изјави, Трамп истовремено тврди дека постои можност за договор и дека Иран учествува во преговори. Сепак, досега нема сигнали дека Техеран е подготвен да ги прифати американските услови. Во меѓувреме, Иранска револуционерна гарда (IRGC) предупреди дека ќе ги засили нападите врз американските економски интереси во регионот доколку продолжат ударите врз цивилни цели.
Дополнителна загриженост предизвикува и фактот што потенцијалните цели како електрани и постројки за вода, може да имаат сериозни хуманитарни последици, при што дел од експертите предупредуваат дека ваквите напади би можеле да бидат спорни од аспект на меѓународното право.
Со рокот што брзо се приближува, ситуацијата околу Ормускиот теснец останува една од најризичните геополитички точки во светот, со потенцијал за брза и непредвидлива ескалација.