Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се повлече од ултиматумот што самиот го постави кон Украина – до четврток да го прифати американско-рускиот мировен предлог – и ја намали важноста на извештаите дека неговиот преговарач Стив Виткоф им давал насоки на Русите како да му се приближат во врска со договорот.
Како што пренесува „Ројтерс“, Трамп разговарал со новинарите во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“ на пат за Флорида по повод Денот на благодарноста.
„Напредок во преговорите“
Трамп изјави дека американските преговарачи бележат напредок во разговорите со Русија и Украина и дека Москва прифатила некои отстапки, без да открие детали.
Американскиот мировен предлог, кој прв го објави Ројтерс минатата недела, предизвика загриженост во Европа и Киев поради страв дека администрацијата на Трамп се обидува да ја принуди Украина да прифати договор кој е значително наклонет кон Москва.
Трамп потврди дека неговиот пратеник Стив Виткоф следната недела ќе патува во Москва на состанок со Владимир Путин. Во процесот, исто така, е вклучен и неговиот зет Џаред Кушнер, кој претходно учествуваше во постигнувањето на привремениот прекин на огнот во конфликтот меѓу Израел и Хамас.
Од цврст рок – до повлекување
Во последните денови Трамп го најавуваше Денот на благодарноста како краен рок до кој сака Украина да го прифати мировниот договор. Но тој и неговите соработници сега отстапуваат од „цврстиот рок“.
„Мојот рок е – кога ќе биде готово“, изјави Трамп.
Bloomberg: Виткоф им давал упатства на Русите
„Блумберг“ претходно објави дека Виткоф, во телефонски разговор со Јуриј Ушаков – главниот советник на Путин за надворешна политика – рекол дека „треба да работат заедно“ на планот за прекин на огнот и дека Путин лично треба да му го предложи на Трамп.
Според истиот извор, Виткоф давал и насоки за организирање можен телефонски разговор Трамп–Путин пред посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа, користејќи го неодамнешниот договор за Газа како „влезна точка“.
Запрашан за овие тврдења, Трамп изјави дека не ја слушнал снимката врз која се базира извештајот на „Блумберг“, но дека тоа не го изненадува: „Тоа е сосема стандарден начин на преговарање“, рече тој. „Претпоставувам дека им го кажува истото и на Украинците.“
„Русија има предност на бојното поле“
Трамп додаде дека, според него, Русија во моментот има предност во војната и дека би било „во најдобар интерес на Украина“ да постигне договор. Според неговите проценки, дел од украинската територија Москва би можела да го освои „во следните неколку месеци“.
