Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека мисли дека ќе ја укине американската агенција за меѓународен развој – УСАИД, што ќе биде драматичен ремонт на тоа како најголемиот поединечен донатор во светот доделува странска помош.
Кога еден репортер му рекол на Трамп дека звучело како да ќе ја затвора агенцијата, Трамп се насмеа и рече „Мислам дека е така“.
УСАИД во моментов е во хаос и неизвеност. Агенцијата која дистрибуира милијарди долари хуманитарна помош низ светот, се најде во чудна ситуација откако Трамп нареди замрзнување на поголемиот дел од американската странска помош неколку часа по преземањето на функцијата и го задолжи милијардерот Илон Маск, кој лажно ја обвини УСАИД дека е „криминална“ организација, да работи на намалување на организацијата
„Тој заврши одлична работа. Погледнете ја целата измама што ја најде во оваа УСАИД… радикални леви лудаци“, рече Трамп, без да обезбеди докази за измама, додавајќи дека може да го види државниот секретар Марко Рубио задолжен за агенцијата во иднина.
Иако дел од парите беа добро потрошени, Трамп рече дека можеби ќе прочита список во среда со „15 или 20 работи што ги нашле во УСАИД.“. Тој рече дека има корупција таму, без да понуди никакви докази.
Постапките на Трамп покренаа прашања кај демократите во врска со нивната законитост и секое прекинување на агенцијата веројатно ќе има драматични последици за глобалната спасувачка помош од САД.
Во фискалната 2023 година, САД исплатија, преку УСАИД 72 милијарди американски долари помош ширум светот за сè, од здравјето на жените во конфликтните зони до пристапот до чиста вода, третманите за ХИВ/СИДА, енергетската безбедност и антикорупциската работа. САД преку УСАИД обезбеди 42% од целата хуманитарна помош следена од Обединетите нации во 2024 година.
А сепак тоа е помалку од 1% од вкупниот буџет.
Стотици програми на УСАИД кои покриваат помош за спасување животи во вредност од милијарди долари ширум светот, запреа откако Трамп на 20 јануари нареди замрзнување на поголемиот дел од американската странска помош, велејќи дека сака да се погрижи таа да биде усогласена со неговата политика „Америка на прво место“. .
Стејт департментот издаде светски директиви за прекин на работата по наредбата на Трамп за замрзнување, со исклучок на итна помош во храна. Експертите предупредија дека овој потег ризикува да убие луѓе.
Оттогаш, десетици вработени во УСАИД беа пуштени на одмор, а стотици изведувачи беа оставени во тешка финансиска криза, а некои веќе мораа да отпуштат.
Во понеделникот, Рубио им рече на новинарите дека сега е вршител на должноста шеф на УСАИД, нарекувајќи ја агенцијата „целосно неодговорна“ и обвинувајќи го тамошниот персонал дека „не сака да одговори на едноставни прашања“ за програмите.
Тој во понеделникот во писмо го информира Конгресот за претстојната реорганизација на агенцијата, велејќи дека некои делови од УСАИД може да бидат апсорбирани од Стејт департментот, а останатите може да бидат укинати.
Сенаторката Џин Шахин, демократ, рече дека смета дека известувањето на Рубио е „целосно недоволно според законот и без какво било образложение за драстичната, ненадејна акција што администрацијата ја презела, без претходно известување до Конгресот“.
Сенаторите Брајан Шац и Крис Ван Холен рекоа дека ќе ја блокираат потврдата на кандидатите на Трамп за позициите во Стејт департментот според правилата што им дозволуваат да ги задржат номинациите дури и ако републиканското мнозинство во парламентот сака тие да продолжат напред.