Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва изјави дека рускиот претседател Владимир Путин сака да го заврши војниот конфликт во Украина.
„Тој би сакал да ја заврши војната,“ им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
Коментарот доаѓа еден ден по средбата во Москва, каде што Путин ги прими специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џеред Кушнер, кој дејствува како негов неформален советник. Тие со рускиот претседател разговараа за ревидираната верзија на американскиот мировен план за Украина.
Преговорите без напредок
Разговорите не донесоа напредок бидејќи Русија одбива да попушти во клучните барања – меѓу кои и предавање дел од украинската територија што Москва не ја контролира.
Трамп потврди дека претходната вечер разговарал со Виткоф и Кушнер.
„Можам да ви кажам дека имаа прилично добар состанок со претседателот Путин. Ќе видиме,“ изјави тој.
Трамп додаде дека засега не може да зборува за исходот:
„Што ќе произлезе од тој состанок, не можам да ви кажам.“
На дополнително новинарско прашање дали Кремљ навистина цврсто одбил компромис, Трамп одговори:
„Не знам што прави Кремљ. Можам само да ви кажам дека имаа прилично добар состанок со претседателот Путин. Ќе видиме што ќе излезе од тоа. Не можам да кажам – за танго сепак треба двајца.“
