Трамп го притиска Зеленски: план што бара територијални отстапки и преполовување на украинската војска

Вашингтон бара договор во една недела, Киев предупредува дека условите се „црвени линии“, а Европа алармира: нема мир без руски отстапки.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врши силен притисок врз Украина да го прифати новиот 28-точков мировен план договорен со Москва, пишува Financial Times, повикувајќи се на високи украински извори. Според нив, САД поставиле „агресивен рок“: Киев да го потпише предлогот веќе следната недела, со цел планот да биде претставен во Москва до крајот на месецот.

Украински претставници предупредуваат дека повеќе точки од документот се неприфатливи — меѓу нив и барањето Украина да се повлече од делови од источниот Донбас, да ја преполови својата армија и да се откаже од клучни типови вооружување. Ваквите услови, според Киев, директно ги преминуваат „црвените линии“ за украинското општество и би биле протолкувани како капитулација.

Белата куќа, пак, инсистира дека планот е „правичен за двете страни“. Портпаролката Каролин Левит потврди дека специјалниот пратеник Стив Виткоф и државниот секретар Марко Рубио интензивно работеле на договорот изминатиот месец и дека Трамп во целост го поддржува.

Европа изрази остри резерви. Високата претставничка за надворешна политика Кaja Калас предупреди дека „нема вистински договор без отстапки од Русија“, додека британскиот премиер Киер Стармер порача дека иднината на Украина мора да ја одлучи украинскиот народ.

Притисокот врз Киев доаѓа во момент кога позицијата на Зеленски е ослабена поради корупциски скандал кој предизвика министерски оставки. Во самиот врв на власта владее тензична атмосфера, а дел од украинските пратеници бараат смена на шефот на кабинетот Андриј Јермак.

И покрај јасниот отпор од јавноста и опозицијата кон територијални отстапки, американските претставници тврдат дека постои „договор за агресивен рок“ и очекуваат брзо финализирање. Киев веќе најави дека ќе достави свои контрапредлози, но времето — според притисокот од Вашингтон — брзо истекува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни