Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД се поканети да присуствуваат на состанок во Европа овој викенд, кој ќе биде фокусиран на состојбата во Украина и на кој, според него, се очекува да учествува и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Трамп, сепак, остави отворено прашање дали и во кој формат САД ќе присуствуваат на средбата, наведувајќи дека конечната одлука ќе зависи од деталите што европските партнери ќе ги достават во наредните денови.
Говорејќи од Белата куќа, Трамп соопшти дека имал телефонски разговор со германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер за текот на преговорите околу Украина. Според него, разговорите биле „прилично остри“, а меѓу лидерите имало „мали несогласувања околу одредени лица“, без да ги наведе деталите.
На новинарско прашање дали Зеленски ќе биде присутен на состанокот, Трамп кратко одговори: „Со Зеленски и со нас.“
Американскиот претседател уште еднаш го повтори неговиот став дека Украина треба да одржи избори, оценувајќи дека тоа е неопходно за политичката стабилност во земјата.
Од Берлин претходно беше соопштено дека четворицата лидери разговарале за статусот на тековните иницијативи за прекин на огнот и дека во наредните денови ќе продолжат интензивно да работат на мировниот план што го поддржуваат САД.
