Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека одобрил план за изградба на два нови воени брода на американската морнарица, кои ги нарече дел од „Златната флота“ на Пентагон, додавајќи дека станува збор за „огромни, најголеми воени бродови некогаш изградени“.
„Како врховен командант, голема чест ми е да објавам дека одобрив план според кој морнарицата започнува со изградба на два целосно нови, најголеми борбени брода што сме ги имале досега“, изјави Трамп.
Според CBS, Трамп нагласил дека очекува во краток рок да бидат изградени вкупно 10 бродови, а на долг рок меѓу 20 и 25. За време на обраќањето биле прикажани и рендери од бродовите кои ќе го носат името „класа Трамп“.
„Секој од овие бродови ќе биде најголемиот борбен брод во историјата на нашата земја и најголемиот борбен брод некогаш изграден во светот“, истакна американскиот претседател.
Тој наведе дека на Соединетите Американски Држави итно им се потребни нови бродови, бидејќи многу од постојните се „стари, истрошени и застарени“, додавајќи дека администрацијата има намера да ја зајакне бродоградбата и синџирот на снабдување во овој сектор.
„Никогаш немало ништо слично на овие бродови. Тие ќе бидат најбрзи, далеку најголеми и сто пати помоќни од кој било борбен брод некогаш изграден. Најголемите борбени бродови во историјата на светот“, рече Трамп, пренесува Sky News.
Американскиот претседател истакна дека бродовите ќе бидат изработени од челик, со тежина меѓу 30.000 и 40.000 тони, и ќе бидат вооружени со топови и ракети, како и со хиперсонично оружје и „моќни ласери“.
На прашањето дали бродовите се градат за да ѝ парираат на Кина, Трамп одговори дека тие се наменети да им парираат на сите.
„Им парираме на сите, не само на Кина. Имаме одлични односи со Кина“, истакна Трамп.
Во исто време, тој најави дека следната недела ќе се сретне со главните изведувачи во одбранбениот сектор за да се позанимава со, како што рече, бавниот распоред на производство.
Американскиот претседател ја даде оваа најава во присуство на министерот за одбрана Пит Хегсет, државниот секретар Марко Рубио и секретарот на американската морнарица Џон Фелан.
„Идниот борбен брод од класата Трамп, USS Defiant, ќе биде најголемиот, најсмртоносниот, најприлагодливиот и најубавиот воен брод на сите океани“, изјави Фелан, опишувајќи ја изградбата како „генерациска инвестиција“ и додавајќи дека таа ќе „ја направи морнарицата повторно голема“, пренесува Танјуг.
Секретарот на морнарицата Џон Фелан минатата недела најави и изградба на нова класа воени бродови во рамки на „Златната флота“, истакнувајќи дека целта е бродовите да бидат од американски дизајн и производство, со план првиот да биде пуштен во вода во 2028 година.