Трамп најавува одмазда и бесконечно оружје за напад на Иран

По нападот со дронови врз американската амбасада во Ријад, американскиот претседател најави брз одговор и порача дека САД имаат „практично неограничени“ залихи оружје.

Војната на Блискиот Исток продолжува со огромна сила, со напади во повеќе земји од регионот. Американската амбасада во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, беше нападната со два дрона, соопшти саудиското Министерство за одбрана. Во нападот избувнал мал пожар и била предизвикана помала материјална штета, потврди портпаролот на министерството. Нападот го потврди и американската амбасада.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека американската војска „наскоро“ ќе преземе одмазднички мерки.

„Избегнувајте да одите во Амбасадата до понатамошно известување поради нападот врз зградата“, соопшти американската амбасада во Ријад. Амбасадата остана затворена, а на американските државјани во Ријад, Џеда и Даран им е препорачано да останат во затворен простор.

Очевидци за АФП изјавиле дека виделе густ чад над амбасадата и слушнале силни експлозии. Според извори блиски до саудиската војска, воздушната одбрана пресретнала четири дрона насочени кон дипломатскиот кварт во западниот дел на Ријад. Подоцна биле пријавени и нови експлозии во центарот на градот.

Нападите во Саудиска Арабија се совпаднаа со бран ракети и беспилотни летала лансирани од Иран кон повеќе земји од Персискиот Залив. Обединетите Арапски Емирати соопштија дека биле нападнати со балистички ракети, додека Катар информираше дека неговата армија пресретнала две балистички ракети.

САД и Израел во саботата започнаа масовни воздушни напади врз Иран. Во нападите беа убиени врховниот лидер ајатолахот Али Хаменеи и други членови на иранското раководство. Како одговор, Иран од саботата ги напаѓа Израел, неколку земји од Заливот и американски објекти во регионот. Конфликтот денеска влегува во четвртиот ден.

Во меѓувреме, Трамп на својата платформа Truth Social напиша дека САД располагаат со доволно оружје за да водат војна „засекогаш“.

„Имаме практично неограничени залихи од ова оружје. Соединетите Држави се снабдени и подготвени да победат – големо“, напиша Трамп околу полноќ по локално време.

Тој појасни дека станува збор за оружје од „средна и повисока средна класа“, а во своите изјави го критикуваше и поранешниот претседател Џозеф Бајден, обвинувајќи го дека ѝ дал на Украина „толку висококвалитетно“ американско оружје, вклучително и ракети со долг дострел ATACMS со домет до 300 километри.

Ескалацијата на конфликтот дополнително го засили стравот од поширока регионална војна, додека дипломатските напори засега не даваат резултати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни