Трамп очекуваше брза победа, но војната со Иран му носи огромни трошоци

Првите денови од војната меѓу САД и Иран ги зголемуваат трошоците и ризиците за администрацијата на Доналд Трамп. Загинати американски војници, раст на цените на енергенсите и страв од долг конфликт.

Воените операции во странство претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, досега ги темелеше на проценка дека можат да се спроведат со минимални американски жртви и ограничени економски последици.

Но првите денови од војната со Иран веќе сериозно ја доведуваат во прашање таа претпоставка, пишува „New York Times“.

Според досегашните информации, загинале шест американски војници, додека американските сојузници во регионот на Персискиот Залив веќе биле цел на напади.

Во исто време, финансиските пазари бележат нестабилност, цените на горивата растат, а американската војска, според некои проценки троши стотици милиони долари дневно.

Во Иран, според локални здравствени власти и државни медиуми, во воздушен напад врз основно училиште за девојчиња загинале 175 лица. Администрацијата на Доналд Трамп соопшти дека се истражува кој е одговорен за нападот.

Иако американски копнени сили сè уште не се испратени на територијата на Иран, од администрацијата не ја исклучуваат ниту таа можност. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет најави дека конфликтот можеби нема да биде краток.

„Забрзуваме, а не забавуваме“, им изјави Хегсет на новинарите, додавајќи дека во регионот пристигнуваат дополнителни бомбардери и борбени авиони.

Администрацијата на Трамп одлуката за нов бран ракетни напади врз Иран ја донесе по серија воени акции кои ги смета за брзи и успешни.

За време на мандатот на Трамп, американската војска спроведе операции во повеќе делови од светот – од акции против властите во Венецуела, напади врз ирански нуклеарни постројки, удари врз Хутите во Јемен, до операции против наркокартели на Карибите, како и бомбардирања на цели во Ирак, Нигерија и Сомалија во рамки на борбата против тероризмот.

Тие акции беа спроведени релативно брзо и со ограничени загуби, барем според проценките на администрацијата.

Сепак, војната што Соединетите Американски Држави и Израел ја започнаа против Иран носи многу поголем ризик да прерасне во долготраен конфликт, особено ако се претвори во обид за промена на власта во Техеран.

Американскиот конгресмен Џејсон Кроу предупреди дека САД би можеле повторно да влезат во долг и исцрпувачки конфликт, сличен на војните во Ирак и Авганистан.

„По билиони долари потрошени за војни, илјадници изгубени животи и децении конфликти – повторно се враќаме на истото“, изјави Кроу.

Тој потсети дека Трамп за време на предизборната кампања ветуваше крај на ваквите „бескрајни војни“, тврдејќи дека токму тоа го бара американската јавност.

Во меѓувреме, Трамп ги повика граѓаните на Иран да „ја преземат својата земја“, но јавно не поддржа ниту една опозициска група која би можела да се обиде да ја собори власта.

Аналитичарите предупредуваат дека трошоците од конфликтот веќе растат.

Џон Хофман од Институтот Като смета дека Трамп е склон кон брзи воени победи кои изгледаат политички атрактивно, но дека конфликтот со Иран е значително посложен.

„Трошоците веќе се натрупуваат“, предупреди Хофман, посочувајќи на загинатите американски војници и растот на цените на енергенсите.

Според него, цените на природниот гас во Европа веќе пораснале за околу 40 проценти, а постои стравување дека би можеле дополнително да растат.

Некои аналитичари, пак, сметаат дека слабеењето на иранскиот режим би можело да донесе стратешки придобивки за САД и нивните сојузници, особено ако Иран изгуби дел од своите воени капацитети.

Но други експерти предупредуваат дека дестабилизиран Иран би можел да претставува сериозна закана за стабилноста на регионот.

Постои страв дека евентуалниот распад на државата може да предизвика големи бегалски бранови и да создаде простор за повторно зајакнување на екстремистички групи како ИСИС.

„Таквите организации растат во хаос“, предупредуваат аналитичарите, додавајќи дека проширувањето на конфликтот би можело да ја отвори „Пандорината кутија“ со непредвидливи последици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни