Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе воведе нова глобална царина од 10%, веднаш по одлуката на Врховниот суд на САД со која беа поништени неговите претходни широки тарифи воведени врз основа на закон за вонредни овластувања.
„Денес ќе потпишам наредба за воведување глобална царина од 10% над постојните тарифи“, изјави Трамп на прес-конференција во Белата куќа.
Одлуката на Судот, донесена со 6 гласа „за“ и 3 „против“, утврди дека претседателот ги пречекорил своите овластувања кога ги вовел тарифите повикувајќи се на Законот за меѓународни економски овластувања (IEEPA) од 1977 година. Судот оцени дека Уставот јасно му ја доверува на Конгресот, а не на извршната власт, надлежноста за воведување даноци и царини.
Трамп, сепак, изјави дека не е загрижен од пресудата, тврдејќи дека таа „се однесува само на конкретната употреба на IEEPA“ и дека администрацијата ќе користи други законски основи за воведување тарифи.
Според него, на сила остануваат сите царини воведени врз основа на член 232 (национална безбедност) и член 301 (нефер трговски практики), а најави и нови истраги за заштита од „нефер трговски практики“.
Алтернативните механизми што му стојат на располагање на претседателот се значително поограничени. Член 301 од Законот за трговија од 1974 година овозможува воведување реципрочни мерки по формална истрага за прекршување на трговски договори, но процесот може да трае до 12 месеци.
Член 122, пак, дозволува привремени дополнителни давачки до 15%, но само на период до 150 дена и во случаи на сериозен дисбаланс во меѓународните плаќања.
Министерот за финансии претходно призна дека овие алтернативи „не се толку ефикасни и моќни“ како вонредните овластувања што администрацијата првично ги користеше.
Пресудата доаѓа по тужби поднесени од неколку сојузни држави и компании кои тврдеа дека вонредниот закон не дозволува воведување тарифи и дека мерките не ги исполнуваат уставните критериуми.
И покрај правниот пораз, Трамп ја претстави новата царина како неопходна за „заштита на земјата“ и најави дека ќе продолжи да бара начини за одржување на тарифната рамка.
Прашањето за царините останува централна тема во неговата економска агенда, иако анкетите покажуваат дека мерките немаат широка поддршка меѓу гласачите, особено поради стравувањата од поскапувања и влијанието врз животниот стандард.