Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД се подготвени да обезбедат воена придружба на бродовите кои минуваат низ Ормускиот теснец, доколку тоа биде потребно. Воедно најави дека следната недела може да следи многу силен напад врз Иран, пренесува Фокс њуз.
На прашањето дали САД би помогнале танкерите со нафта безбедно да минуваат низ овој клучен морски премин, Трамп одговори потврдно.
„Ќе го направиме тоа доколку е потребно. Но се надеваме дека работите ќе се развиваат во добра насока. Ќе видиме што ќе се случи“, изјави тој, без да открие дополнителни детали.
Трамп овие изјави ги даде во интервју со новинарот Брајан Килмид, делумно емитувано во емисијата „Фокс и пријатели“.
„Следната недела ќе ги погодиме многу силно“, додаде американскиот претседател.
Изјавите доаѓаат во момент кога тензиите на Блискиот Исток продолжуваат да растат, а конфликтот меѓу САД, Израел и Иран веќе трае две недели. Во исто време, расте и загриженоста на глобалните пазари поради зголемувањето на цените на нафтата и гасот, кои веќе се приближуваат до 100 долари за барел.