Трамп со шокантна изјава: „Мораме да го преземеме Гренланд пред Русија и Кина

Доналд Трамп тврди дека САД мора да го поседуваат Гренланд заради националната безбедност. Данска и НАТО остро ја отфрлаат можноста за припојување.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД мора да го „поседуваат“ Гренланд за да спречат Русија и Кина да преземат контрола врз островот, нагласувајќи дека тоа ќе се постигне „на полесен или на потежок начин“.

Оваа остра изјава доаѓа по неодамнешните сигнали од Белата куќа дека администрацијата разгледува можност за купување на полуавтономниот териториј од Данска, но не ја исклучува ниту опцијата за присилно припојување, пренесува Би-Би-Си.

И Данска и Гренланд решително ја отфрлија понудата, порачувајќи дека островот не е на продажба. Од Копенхаген предупредија дека каква било воена акција против земја членка на НАТО би значела крај на трансатлантскиот одбранбен сојуз.

„Не ги сакам Русија и Кина како соседи“

„Државите мора да имаат сопственост, а вие ја браните сопственоста – не изнајмувањата. Ние ќе мора да го браниме Гренланд“, изјави Трамп пред новинарите во Вашингтон.

Тој повеќепати истакна дека Гренланд е од клучно значење за националната безбедност на САД, тврдејќи – без да понуди докази – дека островот бил „преполн со руски и кинески бродови“.

Иако САД веќе имаат повеќе од 100 војници постојано стационирани во базата Питуфик на северозападот од Гренланд, со која управуваат уште од Втората светска војна, Трамп смета дека постојните договори за користење не се доволни.

„Државите не можат да склучуваат деветгодишни, па ни стогодишни договори“, рече тој, инсистирајќи на целосно сопствеништво.
„Го сакам народот на Кина. Го сакам народот на Русија“, додаде Трамп. „Но не ги сакам како соседи на Гренланд. Тоа нема да се случи. И, патем, НАТО мора да го разбере тоа.“

НАТО застана зад Данска

Главните сојузници во НАТО, вклучувајќи ги водечките европски држави и Канада, оваа недела изразија јасна поддршка за Данска. Во заеднички изјави тие нагласија дека „само Данска и Гренланд можат да одлучуваат за прашањата што се однесуваат на нивните меѓусебни односи“.

Сојузниците потенцираа дека безбедноста на Арктикот е заеднички интерес кој мора да се остварува колективно во рамки на НАТО, повикувајќи се на почитување на принципите од Повелбата на ОН, вклучувајќи ги суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите.

Стратешка важност и поширок контекст

Загриженоста околу иднината на Гренланд дополнително се зголеми по неодамнешната американска воена акција во Венецуела. Трамп и претходно, за време на својот прв мандат во 2019 година, понуди купување на островот, но и тогаш доби одговор дека не е на продажба.

Најавено е дека американскиот државен секретар Марко Рубио следната недела ќе одржи разговори со дански претставници.

Покрај стратешката позиција меѓу Северна Америка и Арктикот – клучна за системите за рано предупредување – Гренланд станува сè поинтересен и поради природните ресурси.

Со топењето на мразот предизвикано од климатските промени, сè подостапни стануваат богатите наоѓалишта на ретки земни метали, ураниум и железо, а научниците веруваат дека постојат и значајни резерви на нафта и гас.

Во меѓувреме, изјавите на Трамп предизвикаа вознемиреност кај локалното население, а еден жител на Гренланд изјави дека од сето тоа „му се превртува во стомакот“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни