Трамп: Работата во Иран ќе биде завршена за две до три недели

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД би можеле да ја завршат операцијата во Иран во рок од две до три недели, додека Вашингтон паралелно остава простор и за можен договор.
Photo: Shealah Craighead / White House

Американскиот претседател Доналд Трамп на 31 март во Вашингтон изјави дека САД би можеле да ја завршат воената операција против Иран во рок од две до три недели, додека државниот секретар Марко Рубио порача дека се насетува „целната линија“ на конфликтот. Паралелно со најавите за можно смирување, Вашингтон остава отворена и дипломатската опција, но јасно става до знаење дека прекин на операцијата не мора нужно да зависи од формален договор со Техеран.

Трамп, одговарајќи на прашања во Белата куќа, рече дека САД ќе си заминат „многу скоро“ и дека тоа би можело да се случи „за две, можеби три недели“. Тој нагласи дека неговата главна цел била Иран да не дојде до нуклеарно оружје и оцени дека таа цел е постигната, но додаде дека Вашингтон сега сака да ја „доврши работата“ и да ги уништи преостанатите капацитети што ги смета за закана. Во исто време, Трамп остави простор и за договор пред истекот на тој рок.

Во сличен тон настапи и Рубио, кој изјави дека крајот на војната не е прашање на денови, но дека е сѐ повидлив. Според него, веќе се водат индиректни контакти меѓу САД и Иран, а не е исклучена ниту директна средба во одреден момент. Сепак, тој предупреди дека администрацијата на Трамп нема да дозволи преговорите да служат само како тактика за одолговлекување и купување време од иранска страна.

Од иранска страна, претседателот Масуд Пезешкијан порача дека постои волја војната да заврши, но само под одредени услови, додека министерот за надворешни работи Абас Арагчи негира дека има директни преговори со САД и тврди дека засега се разменуваат само пораки преку посредници. Тоа значи дека, и покрај пооптимистичната реторика од Вашингтон, исходот сѐ уште зависи од тоа дали двете страни ќе успеат дипломатските сигнали да ги претворат во конкретен договор за деескалација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни