Трамп и фон дер Лајен за децата погодени од војната во Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен разговараа за судбината на децата кои, според наводи на Киев, биле однесени во Русија за време на војната во Украина.
President Donald J. Trump participates in a Bilateral with the President of the European Commission Ursula von der Leyen at the Trump Turnberry golf course in Turnberry, Scotland, Friday, July 27, 2025. (Official White House Photo by Daniel Torok)

Фон дер Лајен вчера присуствуваше на состанок организиран од Трамп со европски и НАТО лидери, на кој главна тема беше војната во Украина.

Сопругата на американскиот претседател, Меланија Трамп, во писмо до рускиот претседател Владимир Путин ја спомена тешката состојба на украинските и руските деца. Писмото, според Белата куќа, Трамп лично му го предал на Путин за време на средбата на Алјаска.

Трамп во објава на социјалните мрежи истакна дека со претседателката на Европската комисија разговарал за „огромниот светски проблем со исчезнатите деца“, без да прецизира за конкретна земја.

„Ова е исто така голема тема за мојата сопруга Меланија. Тоа е прашање на врвот на сите листи, и светот ќе работи заедно за негово решавање, со надеж дека децата ќе се вратат дома кај своите семејства“, напиша Трамп.

Фон дер Лајен, споделувајќи ја неговата објава, додаде дека цената што ја плаќаат луѓето во војната во Украина мора да запре.

„Тоа значи дека секое украинско дете кое било однесено во Русија мора да биде вратено на своето семејство“, нагласи таа.

Украина тврди дека Русија од почетокот на инвазијата во 2022 година однела десетици илјади деца на своја територија. Киев го нарекува одведувањето на деца без согласност од семејствата или старателите – воен злостор. Москва, пак, тврди дека ги штити децата од војната во зоните на конфликт.

Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права соопшти дека Русија нанела страдања на милиони украински деца и од 2022 година систематски ги крши нивните права.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни