Трамп го тужи BBC и бара 5 милијарди долари отштета

Американскиот претседател Доналд Трамп поднесе тужба вредна 5 милијарди долари против BBC, обвинувајќи го британскиот јавен сервис за манипулирање со неговиот говор од 6 јануари 2021 година во документарната емисија Panorama.

Во судските документи поднесени на Флорида, Трамп го обвинува BBC за клевета и за кршење на законите за трговска пракса. BBC минатиот месец се извини за начинот на кој бил прикажан говорот, но одби да исплати отштета, наведувајќи дека не постои никаква „правна основа за тужба поради клевета“.

Адвокатите на Трамп тврдат дека BBC „намерно, злонамерно и измамнички“ го монтирал неговиот говор, создавајќи впечаток дека тој директно повикал на насилство. Документарецот беше емитуван во Обединетото Кралство непосредно пред американските претседателски избори во 2024 година.

Во оригиналниот говор, одржан непосредно пред немирите во Капитолот, Трамп изјавил: „Ќе одиме до Капитолот и ќе ги бодриме нашите храбри сенатори и конгресмени.“ Подоцна во истиот говор додал: „И ќе се бориме. Ќе се бориме до крај.“

Во емисијата Panorama, овие изјави биле споени така што звучело како Трамп да рекол: „Ќе одиме до Капитолот… и ќе бидам таму со вас. И ќе се бориме до крај.“ BBC призна дека ваквата монтажа можела да создаде „погрешен впечаток“, но не прифати дека станува збор за клевета.

BBC истакна дека документарецот не бил емитуван во САД и дека немал права за негова дистрибуција таму. Сепак, во тужбата се наведува дека постои голема веројатност граѓани на Флорида да имале пристап до емисијата преку VPN или преку стриминг-платформата BritBox.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни